Денационализацијата заглавена во корумпираност и неспособност на институциите

Автор: Петар Клинчарски | пред една недела | In depth

Милко Калкус плаќа наем за државното земјоделско земјиште што го работи. А има свое кое веќе две децении не може да си го врати, токму од државата.

- Mожеби 4 или 5 пати, Комисијата за денационализација носи позитивни решенија за враќање на предметниот имот, Правобранителот го обжалува. Ми делува како добриот и лошиот – објаснува овој 60 годишен пензионер.  

Поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ ја прогласи денационализацијата за успешна и завршена. Но, во реалноста, крајот не се гледа.

- На ниво на сите подрачја во Правобранителството во работа се 6.540 предмети, а само во скопското подрачје во работа се 1.636 предмети – вели државниот правобранител Јована Василевска – Мициќ.

И оваа влада најавува конечно решение. Кога, засега нема проценки.

Ова е замокот Крумперк изграден во 13 век кај Горјуша, Словенија. Оставен е на забот на времето бидејќи, како и други замоци па и манастири, е вратен со денационализација, а наследниците не можат да го одржуваат. Дури и со негативни последици Словенија го заврши процесот. До каде е Северна Македонија, која во исто време ја напушти Југославија, се гледа низ примерите како на Милко Калкус. Тој бара назад 212 хектари во Илинден.

- Поднесовме барање за денационализација, сметавме дека тоа ќе оди бидејќи имавме документи, документи за купување на земјиште, акти за одземање, мислевме дека сето тоа ќе си оди нормално. 3 барања се и сите се поднесени во 2002 година, за сите 212 хектари – вели Калкус.

Првиот конечен исход стигнал дури по 6 години. Вишиот управен суд донел решение за обештетување на движниот имот од бочви, буриња и мајсторски алат. За недвижниот имот нема завршница до ден денес, а во меѓувреме општината Илинден почнува да продава парцели од земјиштето.

- Некаде 2009 или 2010 почнува некоја урбанизација и поголемиот дел од тоа земјиште што го побаруваме станува градежна зона. Почнува да се продава по парцели, луѓе почнуваат да градат на него. Ги обжалуваме урбанизациите на тие простори, ништо. Не можеме да успееме да го спречиме тоа. И сега во овој момент, мислам дека 60 – 70 отсто од бараниот имот е веќе распродаден. Повеќе од 100 хектари – е проценката на Милко.

На терен, навистина се гради - старски дом, фирми и населбата за млади брачни парови „Јака“. Зошто се продава и развива земјиште што е предмет на денационализација не добивме шанса да го прашаме градоначалникот на општината Илинден, Жика Стојановски, и покрај неколкуте обиди.

Вратите ни ги отворија во Државното правобранителство, од каде постојано се жалат на решенијата на Комисијата за денационализација за враќање на недвижниот имот на Калкус.

Од институцијата велат дека законските измени низ годините дозволуваат продажба на земјиште што е предмет на денационализација, за случаите почнати по 2003 година. За случајот на Калкус, кој е од 2002 година, не сакаат да коментираат детали, бидејќи е предмет на судски спор. Како генерален принцип велат дека ако го добие спорот ќе има право на заменско земјиште од ист вид или надоместок во вид на обврзници.

- Интерес на државата е развивање и на економијата, ние сме пазарно ориентирано стопанство, во таа насока треба да се има во предвид дека приоритетите државата ги конципира согласно современите текови, така што во моментот за донесување на Законот за денационализација веројатно не се предвиделе сите проблеми. Но со текот на самиот процес, дошло до извесни проблеми со кои државата интервенирала во законот и во таа смисла дозволила земјиштето да биде предмет на располагање – изјави Василевска – Мициќ.

- Денационализација е предвидено кога не може да се врати истото земјиште, затоа постои надомест. Законот дозволува два начини на враќање, тоа не се работи за лични желби, за некој имот што е одземен пред неколку 10-тина години, заради овие проблематики дека е можно во тоа земјиште да се изградени згради станбени, комерцијални, затоа за тие случаи се предвидени надоместоци во вид на обврзници – рече правобранителката Арлинда.

Случајот на Калкус разоткрива и други недоследности и апсурди. Пред да го продава државно земјиште кое си го бара Калкус, општината Илинден морала да побара и да добие позитивно мислење токму од Државното правобранителство.

- Ако постои сознание кај нас дека се води, има постапка за денационализација, ние апсолутно даваме негативно мислење – децидна е Зимери.

Тогаш, како е можно општината да продава од земјиштето - што претпоставува позитивно мислење од Државното правобранителство, а во исто време правобранителството да знае дека тоа земјиште е предмет на денационализација.

- Предметите за кои Правобранителството дава мислење се заведуваат под посебен број – ознака, за разлика од предметите за денационализација. Па доколку во однос на одредено решение за денационализација поведе спор, добиваме нова ознака. За жал, се уште Државното правобранителство нема електронски систем за кој, да речам, евентуално по некој параметар би сигнализирал дека за одредено земјиште да речам е поведена постапка за денационализација и за истото е во тек постапка на отуѓување. Проблемот се усложнува и во поглед на тоа што сите предмети се распоредуваат кај различни правобранители – објаснува Василевска – Мициќ.

Државниот правобранител, но и Комисијата за денационализација се посочени од Народниот правобранител како кочничари на денационализацијата. Неажурност, неефикасност, нестручност се дел од квалификациите во извештаите на Омбудсманот, врз основа на претставките од граѓаните.

А тие не се малку. Од вкупно 75414 претставки на граѓани поднесени до Народниот правобранител во изминативе 19 години, 4.923 или 6,5 отсто се за имотно–правни односи од кои најчесто за денационализација.

На иста линија со Омбудсманот е и поранешната антикорупционерка Вања Михајлова. Според неа, не се исполнува основната цел на законот - земјиштето да се врти на оригиналните сопственици.

- Тука штетата е двојна. Прво, сопствениците не можат да го вратат имотот, иако имаат решение, друго - оние кои што градат и легално купиле, имот или добиле одобрение од државата, платиле комуналии, изградиле објект и треба и нив да се обештетат доколку сопствениците инсистираат да им се врати имотот – вели Михајлова.

Според неа, клучно за процесот да заврши е политичката волја, но одложувањата кај неа будат сомнеж дека степенот на корупција во оваа област е многу голем.

- Санкции нема, конкретни случаи имам каде во фиока се држеле по неколку години предмети, кај одделни членови на Комисиите. Она што најверојатно треба да се направи е да се испита потеклото на имотот на членовите на Комисиите кои повеќе години биле во овие Комисии, кои што имале влијанија за оспорувања на овој процес и нерешавањето. Антикорупциска да се зафати со испитување на имотот на тие членови – бара поранешната антикорупционерка.

Министерството за финансии официјално не ни даде бројка колку пари се исплатени како отштета врз основа на денационализација. Неофицијално, станува збор за повеќе од 300 милиони евра во државни обврзници за две децении. Работата на Комисијата за денационализација и Државното правобранителство сега ги чешла нова Комисија, од Владата. По шест месеци и анализирани 80 предмети, шефот на телото и генерален секретар на Владата Драги Рашковски вели има индиции за злоупотреби.

- Досега се вршени неколку измени кои се во насока за задоволување на поединечни случаи, во корист на оној кој што барал денационализација и Комисијата со која што јас претседавам има некои сериозни индиции и за постоење на злоупотреби, од страна на членовите на комисиите или од страна на Државните правобранители – открива Рашковски.

Власта се надева дека дел од проблемот ќе се надмине со новиот Закон за управна постапка. Причината е што се укинува можноста државата да биде жалител во постапката со која се поништуваат нејзините решенија, а при одлучувањето, Вишиот управен суд ќе мора да донесе мериторна одлука.

- И да не дојдеме во ситуација два државни органи да имаат различно мислење во иста постапка. При носење на решението на Комисијата за денационализација да биде прибавено мислење од Правобранителството. Со тоа однапред би се избегнала управната постапка, барем во делот на незадоволство од страна на решението на Државното правобранителство и однапред би знаеле во која насока би се движел предметот – смета Рашковски.

Но, кога се конечно ќе заврши? Рашковски вели - не може да се каже. Причината е што станува збор за илјадници судски постапки. Исходот на една од нив ќе продолжи да го чека и Милко Калкус. Додека плаќа закуп на државата, а во исто време гледа како се продава земјата што му припаѓа.