Управното судство падна на тестот - на изборот на функционери не можат да се жалат неизбраните

Автор: Никола Здравковиќ | пред една недела | In depth

Поминаа речиси две години од објавувањето на вториот извештај на Прибе. Покрај многуте забелешки, во него имаше критика дека на местата во Судскиот совет резервирани за „истакнати правници“ и понатаму седат и судии.

„Венецијанската комисија го критикуваше преовладувачкиот број на судии во Судскиот совет, како создавање ризик од корпоративизам“, пишува во извештајот на Прибе од 2017 година.

Актуелната власт го прецизираше законот за Судскиот совет за да не може под терминот „истакнат правник“ Собранието повторно да избира судии. Но, претходно избрани судии под превезот „истакнати правници“ останаа членови на Судскиот совет до крајот на мандатот.

Оваа приказна, сепак, не завршува тука. Причината е што функцијата на дел од актуелните членовите на Судскиот совет стана предмет на еден невообичаен активистички ангажман кој води до апсурдна ситуација.

Правниот факултет „Јустинијан Први“ е дом на околу 80 научни работници, меѓу кои е и асистентот по уставно право и политички систем Денис Прешова. Својот институционален експеримент, тој го спроведе со тоа што иницираше и помогна дел од неизбраните кандидати за членови на Судскиот совет да поведат управен спор поради тоа што на нивно место се избрани судии.

„Се надевавме дека по промената на власта и притисокот врз судството, дека ќе успееме некако да издејствуваме самите судии да почнат да ги расчистуваат проблематичните аспекти во администрирањето, односно управувањето со судството“, вели Денис Прешова – асистент по уставно право.

Во тужбите до Управниот суд се бара да се прогласи за ништовен изборот на Лидија Каначковиќ и Виолета Богојеска, бидејќи во 2013 година се избрани како „истакнати правници“ иако во моментот на избор едната е судијка во Вишиот управен суд а другата судијка во Управниот суд.

Главниот аргумент за тужбите се бара во разликата што се прави во Уставот и во Законот за Судскиот совет меѓу таканаречените судиски и не-судиски членови на Судскиот совет. Додека судските членови ги избираат самите судии, за не-судските Уставот регулира дека:

„Членовите на Советот што ги избира Собранието ... односно што ги предлага претседателот ... се од редот на универзитетските професори по право, адвокатите и други истакнати правници.“

Управниот суд носи одлука за само осум дена. Во решението се вели дека Законот за управни спорови дозволува спорење на постапка на избор, именување и разрешување носители на јавни функции. Но, Судот ја отфрла тужбата како недозволена, бидејќи во законот според кој се избираат членовите на Судскиот совет, немало таква одредба.

„Оваа законска одредба дава можност само доколку во материјалниот закон - Законот за Судскиот совет на Република Македонија, е предвидено право за поведување управен спор во врска со изборот и разрешувањето“, пишува во Решението на Управниот суд.

На ваквата одлука следува жалба до Вишиот управен суд. Спротивно на понискиот, повисокиот суд смета дека за именувањата може да се води управен спор. Но:

„Исклучиво, тоа право може да го искористи органот што го донел актот и тоа по службена должност или по предлог на странката за која се однесува тој Управен акт“, пишува во решението на Вишиот управен суд Уж-2-642/2018.

Со други зборови, Вишиот управен суд вели дека може да се жалат Собранието или оние што се избрани од Собранието, но не и оние што е логично да имаат интерес да се жалат – неизбраните кандидати.

Со ваквиот пристап на Вишиот управен суд проблемот се мултиплицира, бидејќи Собранието избира и многу други функционери.

„Иако тужбата се однесува за одлуки на избор на членови на Судски совет, ставовите на Вишиот Управен суд и на управното судство, апсолутно може да се применат за било кој избор, не само во Судскиот совет, туку за било кое друго тело или јавен функционер кој го избира Собранието, вели Прешова.

Сомнежи за избор направен од Собранието, на функционер без соодветни квалификации, имало во повеќе наврати. На пример, кога Силвана Бонева беше предложена за член на Државната изборна комисија, СДСМ бараше таа јавно да ја покаже дипломата за завршено високо образование, што е законски услов. До нејзиниот избор тоа не се случи а не е познато и дали СДСМ се обиде да дојде до правна завршница.

Со оглед на цитираното решение од Вишиот управен суд, кое вели дека изборот на функционери од Собранието не може да биде обжален од тие што не биле избрани, макар и изборот бил противзаконски, „360 Степени“ се обрати до Министерството за правда. Оттаму ни одговорија дека законската празнина е воочена од поодамна и дека во новиот Закон за управни спорови, кој чека потпис од шефот на државата, проблемот е решен.

„Сосема поинаку е уредено правото на заштита во однос на актите на избор и именување на носители на јавни фунции и тоа не само од страна на Собранието туку и од сите други носители на јавни функции и државни органи во најширока смисла на зборот ... Право на судска заштита има секој што има правен интерес од конкретен конечен управен акт, што дефинитивно ги вклучува и неизбраните лица“, стои во одговорот од Министерството за правда.

Земјава не е првата во регионот која се соочува со ваква дилема. Пред неколку години, речиси идентичен случај имаше во соседна Србија, земја чиј Устав и закон се споредливи во конкретната област.

И таму понискиот Управен суд одбил тужба на кандидат за јавна функција, во нивниот случај Комисија за заштита на конкуренцијата. По жалбата, Врховниот касациски суд пресудил дека:

„Одлуката на Народното собрание на Република Србија ... претставува конечен поединечен акт чија законитост ... подлежи на преиспитување пред суд и во управен спор, бидејќи во овој случај законот не предвидува друга судска заштита“, пишува во пресуда на Врховен касациски суд на Република Србија Uzp 121/11.

Токму примерот од Србија, вели Прешова, покажува дека решението не секогаш е само во законската регулатива.

„За реформите во судството не се доволни само законските измени. За такво нешто многу одамна говориме дека е потребна промена на правната култура и судскиот менталитет. И тоа многу потешко се менува отколку законите“, вели Прешова.

Јавното изложување и тестирање на дел од судските решенија е начинот на кој асистентот на Правниот факултет смета дека може да се влијае на правната култура и менталитет. Бидејќи, судството не треба да биде отчетно и одговорно само пред Судскиот совет туку и пред стручната и пошироката јавност.