Пендаровски низ очите на соработниците: Несуден адвокат, тврдоглав галичанец, прагматичен политичар

Автор: Славица Филиповска | пред една недела | In depth

Петти по независноста на државава, прв претседател на Република Северна Македонија. По еден неуспешен обид во 2014-та, 56-годишниот универзитски професор пред една недела беше избран за татко на нацијата.

Роден е во скопско Пајко Маало, растен во Чаир и Бутел 2, а до стапувањето на функцијатa е жител на Автокоманда. Оженет е за професорката на Стоматолошкиот факултет Елизабета Георгиевска и татко на седумнаесетгодишниот Огнен – и двајцата познати во јавноста од придружувањата во кампањата.

Стево Пендаровски завршил основно образование во „Кирил и Методиј“, а гимназијалските денови ги поминал во „Цветан Димов“. Дипломирал на Правниот факултет, а докторирал на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. По завршување на студииите две години работи во адвокатската канцеларијa на Рафаел Черепналковски, каде приправничките чекори ги оди заедно со актуелниот заменик – министер за правда.

„Сега да бидам искрен, Стево нема да ми се налути претпоставувам, адвокатурата не го влечеше воопшто. Кафаната „Алтан“ во тоа време беше многу популарна и беше преку една врата од нашата канцеларија, ни беше втор дом всушност, повеќе бевме таму отколку во канцеларија, особено во тоа време кога шефот не ни беше тука, си бегавме од канцеларија заедно.“, вели Ристовски.

Галичките корени на фамилијата Пендаровски, во одредени ситуации доаѓале до израз и кај младиот приправник.

„И понекогаш малку тврдоглав за некои работи, тоа е најверојатно галичка некоја  жица, мора да е малку тврдоглав, уште од тоа време му остана, значи потполно ист. Не се смени Стево многу, Стево е многу малку сменет. Не само физички, во своето однесување, во начинот на однесување, во гестикулациите со телото, потполно ист како 87-ма - 88-ма година.“, додава Ристовски.

Вработувањето во МВР  го доживеал како „спас“ од адвокатурата. Станува дел од  Секторот за аналитика каде меѓу другото се прават и безбедносните проценки. Во времето на министерувањето на Павле Трајанов добива унапредување во помошник – министер и Началник на секторот за аналитика, а ја извршува и функцијата портпарол.

„Тој имаше деликатна позиција. Требаше да води сметка да не ја наруши конспиративноста, тајноста на информациите со кои располага и воедно да презентира дел од информациите со коишто располага на медиумите. И тука мислам дека многу успешно ги балансираше тие работи.

-Прифаќаше критики?

Па знаете како е, во МВР подредените немаат право на глас условно кажано.“, вели поранешниот министер аз внатрешни работи Павле Трајанов.

Во 2001-ва, Пендаровски станува советник за национална безбедност на претседателот Борис Трајковски. Шеф на Кабинет на Трајковски и соработник на Пендаровски од тоа време е екс министерот за одбрана Зоран Јолевски.

„Во тоа време беше период на имплементација на Охридскиот договор, имаше неколку мисии, едната беше на НАТО веднаш после конфликтот и Стево имаше перманентно контакти со претставниците на меѓународната заедница во Република Македонија и солидно си ја извршуваше работата. Во тој период исто така, нормално, секој функционер на кабинет, покрај средбите со претседателот имавме и колегиум на којшто беа овие шест клучни советници на претседателот и Стево како советник за национална безбедност даваше соодветен  придонес, соработувавме сите заедно одлично. “, рече Јолевски.

По несреќата во Мостар, Пендаровски станува шеф на Државната изборна комисија. Под негова палка се организирани вонредните парламентарни избори и референдумот за територијалната организација во 2004-тата.

По искуството во ДИК, се враќа во претседателскиот кабинет, овој пат како советник за безбедност, а подоцна и за надворешна политика на Бранко Црвенковски.

Во 2014-тата стигнува до претседателски кандидат на СДСМ, а против кандидат му е Ѓорѓе Иванов. Почнуваат и директните „ниски“ удари.

Првиот обид да стане шеф на државата завршува неуспешно. Но, ставовите и програмата не ги менува ниту вториот пат, на претседателските избори годинава. Трите столба: ЕУ и НАТО интеграции,  меѓуетничка кохезија и обединување политичкиот советник на Пендаровски - Александар Спасов му помогнал да ги преточи во програма и политички наратив во кампањата.

„Како започнуваш изборната кампања, така нормално дека се случуваа и кризи, на некој начин малку емотивни кризи и измореност. Комуникацијата беше па буквално 24 часа, особено последните денови од кампањата.“

Спасов го оценува Пендаровски како реалистичен, прагматичен и флексибилен човек и политичар.

„Негативните особини, брзо зборува. Тоа беше битка посебно во 2014-та, но тоа е лична карактеристика, веројатно брзо зборува со желба се да каже. Понекогаш многу темпото го забрзува на зборување и можеби слушателите се наоѓаат во ситуација да не можат да ги пофаќаат сите работи што сака да ги каже во пет минути. Меѓутоа мислам дека има значителна разлика од 2014-та до 2019-та година.“, додава Спасов.

Резултатите после првиот круг на претседателските избори, тесното водство на Пендаровски пред Гордана Силјановска – Давкова, не дозволија никој да се опушти пред финалниот круг. Темпото се засилувало, митинзите станале се почести, но зад камерите се случувале и забавни ситуации.

„Она што овие избори никогаш нема да го заборавам се пиците и јадењето на хауба. Буквално, целиот тим ќе најдовме некој паркинг покрај патот  којшто е малку затскриен од возилата, за да не изгледа смешно и тогаш се отвораа картонските кутии со пиците и на чело со него, буквално ќе забришевме раце  со овие влажни марамици и јадевме пици. Веројатно тие пици ќе ги сонувам уште долго време.“, прокоментира Спасов.

Без засилено обезбедување, Пендаровски се појави и на нашето интервју. Го поканиме за да го прашаме за критиките и дилемите кои постизборно добиваат гласност.

-Изминатиот период имаше несогласувања на релација Собрание-Претседател во однос на потпишување на указите на законите. Значи ли сега дека власта доби човек кој по дифолт ќе потпишува се што стигнува на Водно?

Не, затоа што ја не сум тотално опозитен на Иванов. Он по дифолт не потпишуваше со оваа власт, а по дифолт потпишуваше се со претходната власт, која го донесе на власт. Така што кај мене ќе биде секој закон индивидуално проценуван.

-Критичарите велат дека Пендаровски и СДСМ допрва ќе треба да испорачаат за поддршката што ја добија од коалициските партнери, се чувствувате како должник некому?

Не, јас ги гледам тие, секој од коалиционите партнери сака да каже дека неговиот влог бил поголем, па лицитираат со бројки кои се апсолутно нереални. Не сакам да кажам дека моите бројки се само од мене заслужени. Тие 433 000 гласови се секако и гласови на коалиционите партнери, 31 коалиционен партнер или политичка партија, се разбира и граѓани кои не се здружени во политички партии, граѓани од сите етнички заедници. Верувам дека овие 433 000 се сите луѓе со име и презиме кои индивидуално дури и неслушајќи ги партиските директиви решиле да гласаат за мене.

-Дали ги имате веќе контурите за тоа кои луѓе би влегле во претседателскиот кабинет?

Да, со тоа што контурите само, околу 10 до 15 луѓе претпоставувам дека ќе ми требаат во тој најблизок круг на соработници без обезбедувањето кое доаѓа од МВР и тука еве една ексклузива да ви кажам, се обидов со некои наши луѓе кои се со референци во странство да контактирам, од некои добив позитивен сигнал и сега чекам да видам како тоа ќе го аранжираме, значи ќе има луѓе од овде и ќе има луѓе, наши државјани се разбира кои ќе бидат дел од мојот кабинет, меѓутоа сакам да се потпрам на луѓе кои имаат свое професионално CV, не на луѓе кои партиите ќе ми ги наметнат и луѓе кои по можност немаат директна партиска релација за да не ги именуваат како партиски војници.

-Во кампањата најавувавте дека ќе ги намалувате привилегиите на претседателот. Останувате на тоа?

Останувам на тоа и сега најголемата забуна настана околу местото каде што ќе се живее. Јас би сакал малкумина тоа го знаат и јас не го знаев, горе резиденцијата е само работен дел, претседателот спие во таа стара резиденција, погоре што е малку на Водно. Тука може да се направи некаква редукција, меѓутоа луѓето од безбедносните служби велат дека ќе биде проблем да останам да живеам кај што сум сега, а да одам на работа во новата резиденција. Јас живеам во зграда кај што има 19 станови само во тој влез, и уште два влеза плус  и веројатно нивниот секојдневен режим на живеење ќе трпи, заради тоа што треба да има некакви мерки на заштита кон мене и кон моето семејство, како што вели законот, и мислам дека комплетно ќе одам на Водно и со живеење и со работни простории. Инаку, во делот на останатите активности ќе се потрудам, и тоа ќе го видите веќе од првиот ден, здравје Боже, кога ќе поминува претседателот по улиците, да не се забележува дека поминува. Значи нема да биде блокиран целиот сообраќај или целиот град да страда да чека во било какви временски услови, додека помине таа колона со рото-светла итн.

-Вашата кампања ја обележа тоа фамозно југо, кое се споменува се уште, дали со него ќе патувате или со службено возило?

Имав предлог од еден од мојот пр-тим, од луѓето кои ми помагат, да на главниот скопски митинг на 14 пред првиот круг дојдам до бина со југото, меѓутоа јас му реков дека југото долги години не е во функција. Последните години му го дадов на дедото да го употребува, меѓутоа и тој ми се жали дека не може да го запали најчесто на сабајле, така што и да сакам не можам да го направам тоа

Пендаровски се сели на Водно откако и официјално вчера ја презеде функцијата претседател на државата. Луѓето кои во различни периоди имале близок контакт со него му порачуваат:

„Само да не биде претседател, како што ни беше претседателот овие десет години. Tоа е другарски совет. Да си остане истиот, да не сплоти нас Македонците затоа што мислам дека крајно време е тоа да се случи.“, вели неговиот колега од адвокатската канцеларија и сегашен заменик-министер за правда Оливер Ристовски.

„Да не прифаќа политички влијанија, притисоци, посебно да води сметка за интересите на државата.“, вели поранешниот министер а внатрешни работи Павле Трајанов.

„И Стево сигурно знае, претседателот Трајковски имаше зацртано во агендата, топа и сите ние советници знаевме дека еден ден во месецот го издвојуваме за посета на претседателот на некое населено место во Република Македонија, се со цел да добие чувство за тоа што се случува меѓу народот, со цел да се биде успешен претседател.“, го советува Јолевски сегашниот претседател.

„Mора да се стави крај на омразата и да се обединиме околу она што е наш стратешки интерес и мислам дека доколку продолжи, а сиогурен сум дека ќе продолжи во таа насока ќе остави печат на успешен претседател на нашата држава.“, уверува политичкиот советник од кампањата на Пендаровски, Александар Спасов.

„Им реков многупати на луѓето, им велев, немојте да очекувате од мене политички чуда, затоа што еден човек не може да направи не знам какви работи за својата држава, ако сите други институции не функционираат како што треба. Мислам дека најголемо очекување кое луѓето го имаат од мене  и кој е најголем товар за мене но, имам намера да го спроведам е некако да се обидам да го намалат тој јаз меѓу главните политичките партии. Многу е важно мнозинството во овој момент, а јас доаѓам од мнозинството, политичко во овој момент, важно е да се вложи себеси, да го заштити малцинството, политичко, па дури и да му даде некоја привилегија плус, да дури и му даде право плус, затоа што власта по дефиниција носи привилегии повеќе и моќ, значи моја задача како претседател на сите граѓани ќе биде опозицијата да ја кренам малку погоре и да ја консултирам прво неа за битните законски проекти, па потоа владините партии.“, додава Пендаровски.

Пендаровски има уставно загарантиран петгодишен мандат. Од него зависи дали ќе биде церемонијален или претседател што ќе остави суштински траги во општеството, како Глигоров и Трајковски.