Поповиќ: Поважни за превенција се партиските вработувања, одговорност и од надзорните одбори

пред 2 недели | Дебати

Миша Поповиќ од Институтот за демократија кој е дел од Платформата за борба против корупција, во дебата на „360 Степени“ зборуваше за работата на новата Антикорупциска комисија и случаите за непотизам при вработувања.

- Ако зборуваме за вработувања, многу потешко по идна превенција се тајните вработувања. Не на роднини, туку на оние за коишто вие не можете да воспоставите директна врска на лична корист, на пример партиски војници. Тие не можете да ги поврзете со луѓето што имале влијание за нивното вработување, по роднинска врска, меѓутоа тоа е партиската машина којашто вработува и обезбедува лојалност, и тоа го видовме, во „бомбите“ е многу добро документирано тоа како функционира - рече Поповиќ.

Тој кажа дека исклучително е важно ДКСК да побара информација дали надзорните одзори прават нешто во врска со спорните вработувања.

- Кај вработувањата првично се одговорни оној што влијаел и директорот, или оној што вработил. Меѓутоа кога ќе го упатите проблемот кон надзорниот одбор, го проширувате кругот на луѓе што се инволвирани, што се дел од проблемот. И таа пирамида се шири до оние што ги именувале надзорните одбори, ако тие не си ја вршат работата. Тоа е важно бидејќи многу побитно од спречување на конкретни вработувања е да ги направите институциите отпорни да не се случува воопшто тоа. Тука е клучната улога на ДКСК преку овие случаи, не само да се разрешат конкретните случаи и луѓе да си заминат, и оние што извршиле влијание да поднесат одговорност, а не само прекршочната пријава, меѓутоа истовремено и системот да работи. Следниот надзорен одбор да знае дека мора да набљудува како се правени вработувањата - рече Поповиќ.