Tемелна анализа на бројките од првиот круг - симулација на гласовите во пратенички мандати

Автор: Александар Димитриевски | пред еден месец | In depth

Ако се суди по настапите на партиските лидери, на вчерашните претседателски избори победија сите.

„Стево, честитам за победата во првиот круг.“ – изјави првиот човек на СДСМ, Зоран Заев.

„ Почитувани граѓани, победивме!“- кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Во сите места каде живеат Албанци и во општините со мнозинство Албанци, победивме со резултат 3:1.“- изјави лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

Но, ако се погледнат бројките, вчера загубија сите партии.

До овој заклучок се доаѓа ако се споредат резултатите од вчерашното гласање со резултатите за листи за советници на локалните избори од 2017 година и резултатите од парламентарните избори во декември 2016 година. Ниту еден претседателски кандидат не успеа да го повтори резултатот на партијата или партиите кои застанаа зад нив.

Блерим Река, кој на овие избори беше поддржан од Алијанса за Албанците и Беса, доби 79,915 гласа. Тоа е значителни 16,5% помалку од вкупните 95,697 гласа кои ги добиле овие две партии на листите за советници на локалните избори есента во 2017 година. Значително помалку се е и од 92,989 гласа, збирниот резултат на БЕСА и на Алијанса на парламентарните избори во декември 2016 година. Сепак, треба да се потсети дека БЕСА се раздвои на две крила, при што новото- Алтернатива, не ја даде својата поддршка на Река.

Гордана Силјановска, кандидатка на коалицијата околу ВМРО-ДПМНЕ но поддржана и од помали партии како ГРОМ, вчера освои 319,240 гласа. Тоа е за 5,5% помалку од гласовите што ги добија нејзините партии поддржувачи на локалните избори - 338,368. Ако се спореди со резултатот од парламентарните избори во 2016, резултатот на Силјановска е за околу 30% послаб од тогашните 449,533 гласа.

Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ зад кој застанаа ДУИ и ДПА, вчера освои 323,846 гласа. Ако се земат предвид резултатите на СДСМ, ДУИ, ДПА на локалните избори во есента 2017, загубата на гласови кај власта за само година и половина изнесува 40%, од тогаш вкупно 523,170. Ако резултатот се спореди со парламентарните избори, разликата е уште поголема од тогашните вкупно 551,953 гласа за СДСМ, ДУИ и ДПА.

Бидејќи Пендаровски имаше поддршка од неколку партии на Албанците, тешко е директно да се измери рејтингот на најголемата владејачка партија СДСМ наспроти најголемата опозициска - ВМРО-ДПМНЕ. Нашиот обид е да го споредиме бројот на гласови во општините во кои Македонците се или мнозинско население или најбројна етничка група.

Такви општини се 63 на број. Во нив, според податоците од Државната изборна комисија, победила Гордана Силјановска-Давкова со вкупно 290,047 гласа. На територијата на истите 63 општини, Стево Пендаровски добил 264,672 гласа, односно околу 25,000 помалку од кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ. Блерим Река, во тие средини, добил поддршка од 17,769 гласа, пред се во Куманово, Бутел, Гази Баба, Битола.

Ако се споредат резултатите на Силјановска и на Пендаровски по изборни единици кои се применуваат за парламентарни избори, се добиваат следните разлики.

Стево Пендаровски има +7,500 гласови споредено со Силјановска во првата изборна единица. Во втората, околу 3,000 повеќе има кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ. Најголемата разлика таа ја прави во тројката каде има +15,000 од Пендаровски. Во четворката, Силјановска има позитива од 2,500 гласови, предност која Пендаровски ја анулира во петата изборна единица. Во шестката, Пендаровски има 15,000 гласови плус споредено со Силјановска.

Што би значеле сите овие бројки, доколку ова беа парламентарни а не претседателски избори? Поради комплексноста на Донтовиот модел и коалициите на овие избори, таква проекција може да се направи само за три изборни единици.

Во четвртата изборна единица, која го опфаќа југоисточниот дел од државава и каде по традиција се тркаат само ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, благото водство на Силјановска-Давкова не е доволно за поголем број мандати. Со резултатите од претседателските и двете партии би добиле по 10 пратеници.

Во третата изборна единица, во која влегуваат општините од истокот, разликата од 15,000 гласа е доволна за опозицијата да однесе плус столчиња во парламентот. Ако ова беа парламентарни избори, од тројката ВМРО-ДПМНЕ ќе добиеше 11 мандати, а СДСМ 9.  

Во првата изборна единица, предноста би била на страна на СДСМ со десет мандати, па ВМРО-ДПМНЕ со 9 и Алијансата со Беса 1 мандат. За оваа изборна единица сепак треба да се додаде дека при поголема излезност кај Албанците и без коалиции, уште еден мандат би одел кај некоја од партиите на Албанците, во случајов на сметка на еден мандат помалку за ВМРО-ДПМНЕ.

Или збирно, во трите изборни региони за кои може да се примени Донтовата формула – еден, три и четири – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би освоиле еднаков број на мандати – по 29.