Како помина изборната ноќ во штабот на Стево Пендаровски

Автор: Славица Филиповска | пред еден месец | In depth

Ваква беше сликата во кампот на владејачката коалиција која застана зад кандидатурата на Стево Пендаровски, до доцна вчеравечер. Атмосферата не ја подобрија ниту градоначалниците кои пристигнаа први. Пред првото јавно обраќање, одлагано неколкупати, младината го бодреше шефот на изборниот штаб.

„Скандинавски избори.“, оцени Александар Кирацовски.

Дојде ред и за второ обраќање, повторно подоцна од најавеното.

„Бадијала се радува ВМРО...“, посочи на втората прес-конференција.

Единствената врева во кампот на Пендаровски ја правеа новинарските екипи со известувањата во живо. Доцна во ноќта, по пристигнувањето на оние на кои се чекаше цела вечер, повторно загрижени лица.  

Од главниот коалициски партнер, Стево Пендаровски доби „кренат палец“, од министерот за образование Арбр Адеми кој цела вечер објаснуваше пред новинарите дека ДУИ не бојкотирала. На главната прес-конференција и претходеше координација. Оптимизмот пред членството не го напушти само партискиот лидер.

„Одморете, од утре продолжуваме. Фала ви на сите за поддршката.“, им кажа Заев на сопартијците.

Коментар за исходот од првиот круг на претседателските избори, побаравме и од двајца потпретседали на СДСМ – Мухамед Зекири и Дамјан Манчевски.

„Во вториот круг се надеваме и очекуваме многу поголема поддршка.

-Како ќе ги мотивирате Албанците?

Ќе отидеме, секако ќе разговараме со нив и имаат да бираат меѓу две опции: за таа што сака да ја тера државата напред и за таа што сака да ја врати таму каде што никој не сака да се врати.“, уверуваше Зекири.

„Дали влијеа и скандалите на функционерите за ваквата излезност?

-Видете, за излезноста, бројот на гласовите очигледно на сите политичка партии е намален, така што не можеме да зборуваме тука дека само за една политичка партија, но факт е, нормално, се си игра своја улога.

Како ќе ги мотивирате во вториот круг да излезат?

-Преку кажувањето на вистината и она што е наш план за напредок за државата, за подобар живот, за повеќе работни место, за напредок. Преку јасен план, наспроти нешто, што не знаеме што е.“, вели Манчевски.

Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, најавува продолжение на прес-конференциите пред штабот на опозицијата, но не открива дали власта ќе менува тактика за вториот круг.

„Во кампањата држевте речиси секојдневно прес-конференции пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, но вечерва таму се слави..

-Секако, прес-конференциите околу обелоденувањето на вистината за криминалната структура на ВМРО-ДПМНЕ нема да престанат.

Но, сепак таму слават вечерва, како го коментирате тоа?

-Добро препознатливо е за ВМРО-ДПМНЕ да си прават приказни сами за себе.

Навистина е тесна разликата, ќе менувате пристап во кампањата во вториот круг?

-Продолжуваме заедно напред како и досега.“

Пред да продолжи напред, власта ќе треба да проанализира што ја врати назад.