360 Степени кај авторот на студијата која потврди дека нема поврзаност меѓу МРП-вакцината и аутизмот

Автор: Славица Филиповска | пред еден месец | In depth

Ова се дел од насловите во светските медиуми за заклучоците од студија за врската меѓу вакцините и аутизмот, спроведена во Данска. Во Македонија стигнаа само фрагменти, па „360 Степени“ отиде во Копенхаген за да ги пренесе наодите од прва рака.

Институтот „Статенс Серум“ е работно место на главниот автор на студијата со светска слава, Андерс Хвид. На истражувањето работел речиси 20 години.

„Мотивацијата за оваа студија беше да се обидеме уште еднаш да ги отфрлиме некои од оние многу упорни митови за поврзаност меѓу вообичаената вакцина која се прима во детството МРП и аутизмот.“

Хвид и уште тројца негови колеги го правеле масовното истражување во оваа мала канцеларија. Неуморно ги анализирале и подредувале податоците од данскиот национален здравствен регистар, кој содржи комплетна историја за секој граѓанин – од прием на вакцини до болести и нивен третман.

„Тоа е навистина „златен рудник“ за луѓето како мене кои истражуваат. Можеме да ги користиме овие податоци за истражување и тоа го направивме во овој случај. Тоа е уникатно за Данска и мислам дека ова е едно од единствените места во светот, овде во Скандинавија, каде може да правите студија на половина милион деца, користејќи регистри.“, порачува истражувачот од Институтот „Статенс Серум“.

Попрецизно, со истражувањето се опфатени 657.461 дете или речиси сите новородени во периодот од 1999 до 2010 во Данска. Не се земени предвид само околу 6 илјади деца родени во тој период поради тоа што прерано починале, се иселиле или за нив нема валидно здравствено досие.

Резултатот од истражувањето „од прва рака“ звучи вака:

„Го гледаме овој сооднос. Ако е 1 значи дека нема разлика. Ако е помалку од 1, значи дека има заштитен ефект и ако е поголемо од 1 имаме зголемен ризик (за аутизам) поврзан со вакцините. Ова, во основа, значи дека имаме 7 проценти помалку аутистични деца меѓу оние што ја примиле вакцината МРП. Ако ја погледнеме возрасната група од 8 и 9 години, има малку повеќе деца дијагностицирани со аутизам кај невакцинираните.“

Хвид го побива и стравот на родителите- дека МРП вакцината го зголемува ризикот од аутизам кај помалите деца, ако постарото има аутизам.

„Бидејќи знаеме дека има силна генетска компонента во развојот на аутизмот, па ако имате аутистичен брат или сестра, независно од вакцинацијата, имате многу повисок ризик дека ќе заболите од аутизам. Овде може да видиме дали има некој период по вакцинацијата во кој е зголемен ризикот, но како што може да видите нема таква група кај која е зголемен ризикот по вакцинацијата, што е многу смирувачко.“

Иако обемната студија покажува дека нема врска меѓу МРП-вакцината и аутизмот, па дури и дека има повисок ризик кај невакцинираните, Хвид е на удар од антиваксерската заедница.

„Луѓето не веруваат во она што надлежните им го кажуваат. Претпочитаат да веруваат во она што го наоѓаат на интернет.

-Имавте негативни коментари за студијата?

Да, многу, многу.

- Што велат?

- Бидејќи работевме на ова 20 години, добивавме физички закани од гневни родители и слично. Повеќе или помалку, навикнат сум и очекував такви работи.“

„Таа, всушност, ја прими МРП-вакцината пред 2-3 недели. Случајност беше што документот се објави истовремено кога и таа се вакцинираше со вакцината за која зборуваме.“, додава Хвид.

Опфатот на населението во Данска со вакцината против мали сипаници е 93 отсто. Тоа е за два отсто помалку од 95, што се смета за граница за колективен имунитет. Речиси посакуваниот опфат е резултат на јавната свест, бидејќи во Данска вакцинирањето не е задолжително.

„Jас сум дефинитивно за вакцините. Не гледам аргументи зошто не би ги користеле вакцините.“

„- Дали ова дете е вакцинирано?

-Да, вакцинирано е. Мислам дека е важно да се вакцинираат своите деца.’

„И дедовците и бабите мислат дека вакцинирањето е важно.“

„Ние, всушност, размислувавме да патуваме во странство, во Бали или Франција. Но, бидејќи изби епидемија на мали сипаници, нема да биде безбедно за нас затоа што таа има само шест месеци и не може да ја прими вакцината за мали сипаници пред да наполни девет месеци. Така што, во основа, повеќе не можеме да патуваме слободно, бидејќи другите не ги вакцинираат децата. И тоа е срамота.”

„Моите деца, имам уште две други деца, неодамна ја примија. Тие се постари, имаат 8 и 10 години. Не ја примија порано, бидејќи не патувавме надвор од Европа. Штом слушнавме дека расте бројот на случаи со мали сипаници, мора да размислите за тоа дали ќе учествувате или не. Во овој случај избравме да ги вакцинираме.“ , велат анкетираните родители од Копенхаген за „360 степени“.

Данска е дом на 5 ипол милиони жители. Министерството за здравство финансиски го помогнало истражувањето, заедно со Ново Нордиск Фондацијата. Мини епидемиите со кои повремено се соочува земјата, според истражувачите, се резултат на патувањата на Данците во странство, но и на посетите на бројни туристи на нивната земја.

Ова е една од земјите во светот со највисока стапка на доверба во вакцините. Студијата направена од данските експерти имаше и има глобален ефект контра теориите на заговор и дилемите на родителите за поврзаноста на ММР вакцината со аутизмот. И покрај силното влијание на студијата, антивакциналните кампањи не запираат, но не запираат и данските истражувачи, чиј следен предизвик е опсежна анализа на составот на вакцините. За „360 Степени“ од Копенхаген, Славица Филиповска.