Османи: ДУИ го поддржува СЈО, нека се стави на дневен ред, сите наши пратеници ќе гласаат за законот

пред една недела | Дебати

Вицепремиерот Бујар Османи во интервју за емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат зборуваше за посетата на Берлин и реформите во пресрет на Извештајот на ЕК. Тема беше и законот за јавното обвинителство и СЈО.

Османи кажа дека се направени реформи во борбата против корупција и дека СЈО е институција која испорачува резултати и затоа е важна и за Северна Македонија и за ЕУ.

Запрашан за ставот на ДУИ, и дали поддршката за СЈО е само реторичка, тој забележа дека ДУИ се третира неправедно и што и да прави, ќе се најде некаква маана.

- ДУИ бара да се донесе законот за јавното обвинителство како што е предложен од Владата. Нека се стави на дневен ред во Собранието, сите пратеници од ДУИ ќе гласаат, затоа што е во наш интерес, институционално да се објаснат и да се разобличат сите шпекулации и напади коишто во една специјална војна ни беа наметнати во изминатиот период - рече Османи.

На забелешката за негласањето за притворот на Трајко Вељаноски и за Љупчо Димовски во Собранието кое го води Талат Џафери од ДУИ, Османи одговори дека претходно бил дозволен притвор за пратеник.

- Ова повеќе беше прашање во лошо менаџирање меѓу пратеничките групи во техниката за носење одлука, а не нешто друго. Волјата на ДУИ е јасна. ДУИ е единствената партија којашто има јавно побарано истрага за сите нејзини функционери од денот на формирање на партијата. Нека излезе една друг партија и нека го повтори ова што ДУИ го донесе како одлука на седница на претседателството и јавно упати порака до институциите, затоа што Ахмети и ДУИ немаат намера да го носат товарот на било какви индивидуални девијации коишто можеби се случиле. Меѓутоа не можеме да дозволиме една организација како ДУИ, со целиот габарит што го има да биде предмет на една таква војна, без институционална разрешница - рече Османи.

Тој рече дека мисли дека ќе се донесе законот за јавното обвинителство.