Сексуалните работници бараат декриминализација на начинот на кој заработуваат: репортажа и исповед

Автор: Маја Пероска | пред 2 недели | In depth

Снимките од комплексот судови во Скопје се прв синоним за лицето на правдата во земјава.

Но, откако ќе се изгасат светлата во судските згради, на овој простор се палат други светла.

Продавањето на телото за да се заработи за живот не е само домашен феномен. Но, во земјава, сексуалните работници се изложени на секаков ризик.

- Кажи што сакаш?

- Што нудиш?

- 3 илјади. Во хотел само.

- Во хотел?

- Да.

- Колку време?

- Саат време.

- Заштита, кондом или без?

- Не, со кондом, нема без кондом – се вели во разговорот со една сексуална работничка.

Снимајќи тајно, ни стана јасно дека градот е поделен на зони и дека не е прифатливо мешање на туѓа територија.

-Зашто со женска сте?

- Бараме уште една.

- За хотел или тука?

- Кај ти одговара повеќе?

- Не работиме така, она не работи тука, така? Ние знаеме...

- Па добро, не ти е конкуренција. Не ти е конкуренција, викам... Колку бараш ајде кажи.

- Хотел 2500.

- А за тука? За тука не? Велиш за у хотел 2500, а за тука?

- Илјада денари – вели една од сексуалните работници.

Сексуална работа, која е незаконска, има во сите градови. Но, само во Струмица најдовме жена која заработува на овој начин и која отворено агитира за промени. Моника Тасевска е самохрана мајка. Професијата доброволно ја избрала.

„Мислам дека со самата моја борба, барем околината во која што живеам, ја освестувам дека дискриминацијата што ја прават е неправедна. Дека и јас сум дел од таа околина, моето дете е дел од таа околина, дека ние тука припаѓаме и дека не сум ништо поразлична од нив”, истакнува Моника.  

Тасевска аргументира дека сексуалната работа не може да се искорени. Поради тоа, заедно со првиот колектив на сексуални работници во земјава, активно се залага за нивните права.

„Да работам слободно, да бидам здравствено заштитена, да бидам заштитена од насилства, дали од некои клиенти, односно престапници, дали од полиција, воглавном, во најголем дел е здравствената заштита и заштитата од престапниците околу нас“, вели Тасевска.

Здравствената заштита е особено важна, бидејќи професијата подразбира честа промена на партнери. Тоа е ризик од сексуално преносливи болести и за самите работници, но и за општата популација. Моника не се плаши за своето здравје. Нашата соговорничка тврди дека, иако не е регулирано, таа и нејзините колеги, водат сметка.

„Обична жена многу поретко оди на гинеколог отколку сексуалните работници. И мислам дека сексуалните работници се многу посвесни. Многу се посвесни за ризикот кој го имаат и за начинот на заштита, а и се заштитуваат многу повеќе од останатите луѓе“, потенцира Моника.

Основните причини поради кои Тасевска и другите работници бараат промени се тоа што актуелната законска регулатива за сексуалната работа во земјава е речиси неприменлива. Оној што дава сексуална услуга може да се казни само прекршочно, со парична казна, што на терен нема ефект. Тој што бара сексуална услуга не се соочува со никаква казна, па нема страв да бара таква услуга. Единствените што може да одговараат кривично се посредниците, односно макроата.

А, колку такви се фатени и какви се ефектите, може да се заклучи од податоците на МВР.

Најголем број кривични дела за „посредување во вршење проституција“ се евидентирани во 2014 година, вкупно 8. Минатата година регистриран е само еден ваков случај.

За „оддавање, наведување или посредување при проституција“, исто така, најмногу прекршоци се регистрирани во 2014 година – 4. Во 2017 и 2018 г., прекршочно биле казнувани по 3 сексуални работници годишно.

Но, од МВР не добивме одговор на други наши прашања, освен за обвинувањата од сексуалните работници на адреса на МВР.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди нема доставено пријави за употреба на сила од страна на полициски службеници врз сексуални работници во текот на 2018 година и изминатиот период од 2019 година“, информираат од МВР.

Со сексуалните работници на терен постојано контактира невладината „ХОПС“. Тие велат дека сексуалните работници, поради страв, не пријавуваат малтретирање.

„Честопати сексуалните работници кои искусуваат насилство, одбиваат да го пријават во полиција, заради тоа што се плашат дека тие ќе бидат криминализирани, заради стравот од примена на санкција дека нели се оддаваат на проституција, па можат да бидат казнети заради тоа што се занимаваат со законито недозволиво дејствие“, вели Наташа Бошкова од „ХОПС“.

Поради опасноста на која се изложени и сексуалните работници, но и клиентите и НВО секторот препорачува нов закон. На маса се два предлога, чии два клучни збора се „легализација“ и „декриминализација“ на сексуалната работа.

„Примерите од другите земји каде е легализирана сексуалната работа, укажуваат на тоа дека често државата применува рестриктивни закони во однос на локација, време, кој може да се занимава со сексуална работа, се фаворизираат организирани бизниси на сексуална работа, наспроти индивидуалната. Од друга страна, моделите на декриминализација, претставуваат модели во кои се укинуваат првично сите одредби со кои се криминализира однесувањето поврзано со сексуална работа. Насилството е забрането нели, како што е и во Македонија, но ги охрабрува сексуалните работници, ги еманципира, да тие ги препознаваат, пријавуваат и бараат заштита од насилството. Така што, да, моделот на декриминализација е решение во однос на заштитата од насилство на сексуалните работници“, потенцира Бошкова.

Со помош на невладиниот сектор, сексуалните работници веќе имаат изградено став дека бараат декриминализација, а не легализација. Единствениот став на владата по ова прашање беше искажан на Тркалезната маса за регулација на сексуалната работа на 5-ти декември минатата година. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, предложи отворање дебата за модел за регулација, во кој приоритет би биле потребите и барањата на сексуалните работници. Сепак, подготвеноста кај владата засега е само декларативна бидејќи се уште нема ниту збор дека се работи на некакво решение. Сосема друго прашање е на што е подготвено општеството.