450.000 граѓани во зоната на сиромаштија, а 100.000 тони употреблива храна завршува на депонија

Автор: Никола Здравковиќ | пред еден месец | In depth

Сончев викенд, за многумина е шанса за прошетка, а за гладните - шанса на главниот скопски плоштад да ја сретнат екипата на „Храна, не бомби“ и да поуживаат во некој од ретките оброци... Организацијата е светска, а преку неколкумина ентузијасти успева и кај нас барем накратко да наполни по некој стомак. Десетици граѓани од различни возрасти и тој викенд чекаа пред казанот. Гравот подготвен од Небојша Додевски–Грицко за некои е единствениот оброк дури и во неколку дена.

„Секој од нас има право на храна, не е тоа привилегија. И секој има право на три оброка ако одиме според некои човечки правила. Денеска тој треба да добие три одброка, а не еден... или јас, или ти, или кој и да е. За жал, тие добиваат само во недела. Порано правев три пати неделно, но сега од здравствени причини бидејќи три пати неделно одам на дијализа, го правам само еднаш неделно“, вели Небојша Додевски – Грицко, активист на „Храна, не бомби“.

„Луѓе како мене одвојуваат колку можат од своето слободно време и помагаат онака како што можат – со донации, средства, физичка помош, итн. Колку луѓе опслужуваме дневно е дискутабилно, тоа зависи, но да речеме дека големиот лонец кој го имаме има помеѓу 80 и 100 порции. Храната ја обезбедуваат индивидуално или преку донации, но мака мачат со простор во кој временските неприлики не би им пречеле, вели Јанаки Митровски, адвокат и активист на „Храна, не бомби“.

„Готвењето е секаде каде ќе ни отворат врата. Сега фала му на Господ, Фимка и Пане од “Колектив“ ни отворија врата и таму готвиме, а претходно сме готвеле надвор, сме готвеле во гаража... јас не можам да кажам дека просторот е изговор за овие луѓе да добиваат храна секој ден, но можам да кажам дека кога би го имале тој простор, би бил од полезност на секој еден, не само на овие граѓани. Тој простор би имал храна 24/7 за секој еден, дали имал или немал, да може да дојде слободно и да си јаде“, вели Додевски.

Скопје е голем град, па можеби затоа и проблемите се повидливи. Но, тоа не значи дека во помалите градови не се водат слични животни битки...

Географијата познава километри, но гладта – не. Маката на сиромашните и гладните од Скопје ја делат и оние од другите градови, како на пример во Виница. Ако скопските организации се соочуваат со сериозни проблеми, како ли тогаш работат оние во Виница?

Во Виница веќе една година ваква борба води хуманитарното здружение „Одигитрија“. Сместени во скромна просторија и со четворица активисти, прават натчовечки напори да обезбедат што повеќе храна за што повеќе луѓе. Месечно помагаат 30 до 50 семејства, па ретко поминува ден, а да немаат акција.

„Ние акцент ставаме на прехранбени производи, бидејќи семејствата кои ги посетуваме скоро исклучиво имаат потреба од храна. Кај некои луѓе и семејства оброкот се сведува на минимум, односно 5 до 6 оброка во неделата. И кога ќе прашам, кажуваат дека дента имаат јадено само леб и вода. Ние на почетокот ја покривавме само Виница, меѓутоа со зголемениот број на донации покриваме и дел од Кочани, рурални средини, градот Виница, праќаме во градови во источниот регион, но може да се случи и во западна Македонија, доколку некој се јави и има потреба од наша помош“, вели Магдалена Глигорова, активистка на хуманитарно здружение “Одигитрија“.

Ја оставаме Виница да размислува за своите, но и за маките на речиси целиот Исток. Според податоците на системот за донирање вишок храна „Сите сити“, во земјава има повеќе од 450 илјади лица што живеат со еден или без ниту еден оброк дневно. Во исто време, на депонија, годишно ниво, завршуваат 100 илјади тони употреблива храна или 274 тони дневно. „Легис“ е организација што и самата е вклучена во овој систем, и која одговарајќи на прашањето од каде толку гладни покрај толку вишок храна, на детектор го става и самото законодавство.

„За жал, многу од храната завршува на допонии поради некои законски регулативи кои се олеснителни ако се однесе храната на депонија отколку да се донира, и секако големите производители на храна се одлучуваат за тој чекор затоа што им е полесен и поедноставен отколку да се донира“, вели Емина Амит, активистка на “Легис“.

Зошто за потенцијалните компании - донатори е полесно да ја фрлат, отколку да ја донираат храната? Одговорот е дека бирократијата трае подолго од рокот на траење на храната, и донирањето ги води во предолг процедурален лавиринт за даночно ослободување. Додека тоа заврши, храната веќе станала неупотреблива. Напорите на “Сите сити“ да се смени ваквата реалност, се чини дека првпат по подолго време стигнаа до очите и ушите на надлежните. Министерството за труд и социјала веќе им доверило да развиваат програма со која овој проблем би се надминал, а фрлањето искористлива храна би можело наскоро и законски да стане минато.

„Дополнително се работи на изработка на закон за донирање на вишок храна, процес кој започна со Владата и нејзините институции уште во 2017 година, и многу сме среќни што Владата даде еден рок до крај на јули да се донесе еден ваков закон. Процесот го води Агенцијата за храна и ветеринарство, работната група е отворена, вклучени се различни институции, и силно веруваме дека ќе добиеме еден закон кој ќе ги тргне сите пречки кои постојат донекаде со сегашните законски решенија и ќе го поттикне донирањето на вишоци храна, бидејќи верувајте, има голем потенцијал на храна во Македонија која останува“, вели Блаже Јосифовски, од систем за донирање вишок храна “Сите сити“.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека имаат нацрт-закон и дека сега се работи на распределба на обврските помеѓу институциите, но не даваат временска рамка кога законот да го очекуваме во пракса. Блаже и соборците во меѓувреме неуморно работат. Во изминатата година спасиле 66 тони храна и со нив наполниле 220 илјади порции. Како што вели, само скопските угостители во време на свадби и матурски можат од својот вишок да нахранат град од 10 илјади жители.

Храна има, но и гладни исто така. Како првото да го елиминира второто, е равенка која државата ќе треба да ја реши што поскоро ...