Планерска фирма го црта ДУП-от за паркингот кај „Холидеј ин“ за цена од само 1 денар

Автор: Славица Филиповска | пред еден месец | In depth

Планерски фирми, ангажирани од општини, цртаат Детални урбанистички планови за цена од еден денар, и тоа за најатрактивните и урбанистички најсложени делови од Скопје.

-Не ви е сомнително тоа што некоја фирма се нафаќа за еден денар да изработува?

„Нормално дека е чудно.“, вели градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ.

Дали ниската цена за општината, планерите високо ја наплаќаат кај градежни фирми и други приватни инвеститори, впишувајќи маркички по нивна желба?

„Ние имаме случаи да повторно добиваат фирми кои направиле многу лоши планови претходно и сега не се осмелуваме или не се осмелува тој што е одговорен да им напише негативна референца, а тоа е многу важно.“, предупредува проф. Дивна Пенчиќ, која е член на Комисијата за урбанизам при општина Центар.

„360 Степени“ провери – дали цртањето и носењето на Деталните урбанистички планови е почеток на ланец од криминални интереси кој завршува со безредие и хаос во градењето?

Мораториумот за издавање нови градежни дозволи во општина Центар заради ревизија на Деталните урбанистички плановите стигна на дневен ред во Уставниот суд. Иницијатори за оценка на уставноста се најзасегнатите од мораториумот – Стопанската и Градежната комора.

Минатата среда, седницата на Уставниот суд, на која на дневен ред беше и мораториумот во Центар, прераснала во бурна дискусија, велат извори од судот. Дел од судиите сметале дека прашањето за законитоста на мораториумот не е во надлежност на Уставниот суд. Други, пак, рекле дека мораториумот е уставно-правно проблематичен, бидејќи запира спроведување на планови од јавен интерес. Изјаснувањето, Уставниот суд го одложи за следната седница, која ќе се одржи задутре.

Ревизијата направена за време на мораториумот покажала дека 32 детални урбанистички плана, од вкупно 33 во општина Центар, не се во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Затоа се изработуваат нови, коригирани верзии на ДУП-овите, од кои досега се изгласани само два.

На хартија, постапката за планирање на просторот е на неколку нивоа. Општината, по сопствена иницијатива или по барање на физички или правни лица, најмува планерска фирма да изработи план. Oдлуката кој ќе го работи планот е двостепена. Прво, со Рамковен договор се селектираат фирми што можат да изработуваат урбанистички планови, и второ, е конечниот избор на планерска фирма. Откако врз основа на насоките од општината или инвеститорот, фирмата ќе го изработи планот, тој поминува во Комисијата за урбанизам на општината, која го чешла детално, а оттаму оди на проверка во Градот Скопје и Министерство за транспорт и врски. По добивање позитивни мислења од овие институции, планот се враќа на конечно гласање во Советот на општината.

Но,  во пракса:

„На многу примитивно ниво ни се наоѓа планирањето денеска.“, вели Пенчиќ.

Системот за контрола и одлучување за урбанистичките планови потфрла на сите нивоа, вели професорката на Архитектонскиот факултет, Дивна Пенчиќ, член на комисијата за урбанизам во општина Центар.

„Ние дојдовме до план кој е пред донесување на Совет кој ги поминал сите, општина Центар - комисија, Град Скопје, министерство за транспорт и врски, е па не може таму да пишува Свети Николе и Штип, а ние  гледаме план за Центар. Тоа значи дека никој не ги прочитал или и да ги прочитал, кога ќе се даде забелешка на планерот, тој вика – добро, ќе поправам и нема да поправи. Ние како комисија гледаме, даваме забелешка и потоа не добиваме назад или немаме можност, тоа трае со години, да го видиме крајниот документ. Тука е прашањето кој е одговорен за на крај да види дали тој документ е, ете, без технички грешки.“, објаснува таа.

Пенчиќ сведочи за уште една непрофесионалност на планерите.

„Се соочивме со тоа дека планските програми се препишуваат. Можете истата планска програма да ја имате во Центар и можете да ја имате во Богданци. Тоа е некаков терк каде најмалце се чита што е  задачата, најмалце се чита што се очекувањат. Значи вие на една територија не знаете ни каде ќе купувате, ни каде ќе си играат децата, ни каде ќе ви идат во училиште, ни каде ќе ви одат во градинка, дали имаат блиску амбуланта, а сето тоа го прави квалитетот на живот. Еве тука ќе населиме уште пет илјади луѓе, ама тие луѓе како ќе живеат во иднина.“

Ова се фирмите што урбанистички го цртаат ликот на општина Центар. Рекордер по изработка на урбанистички планови е фирмата „ИН-ПУМА“, а во топ три влегуваат и планерските фирми „ТАЈФА – ПЛАН“ и „БИЛД“, сите од Скопје. Овие фирми се ангажирани и во многу други општини за истата цел.

Во пракса, просечното време потребно за изработка на план е околу шест месеци. Процесот е комплициран и скап не само поради ангажирање планери туку и поради низа одобренија и други процедури кои се директни трошоци за планерската куќа.

Но, некои фирми се пријавуваат за изработка на детални урбанистички планови по цена од само еден денар. Таков пример е „БИЛД“ од Скопје – избрана од општина Центар како најповолен понудувач за ДУП-от што го опфаќа и паркингот наспроти „Холидеј Ин“. Оваа парцела предизвика жестоки реакции зашто таму, според планот, требаше да се градат шеесеткатници. Но, и овој ДУП е под мораториум, отворена е постапка за изработка на нов, па се чека конечна одлука за максималната катност на градбите на тој простор. Фирмата што го изработила претходното, а го работи и новото решение, за цена од еден денар, е во сопственост на Бојан Муличковски, син на доајенот на македонската архитектура Петар Муличковски. Сопственикот тврди дека не се борел за материјалната корист туку за референца  - неговата фирма да изработи план во строгиот центар на Скопје.

„Планот претходно е изработен од наша страна и одобрен од Општина Центар во 2012 година. Запознаени сме со овој простор и имаме изработено повеќе анализи и предлози. Тој простор е предвиден за бизнис-центар и секогаш кога е во прашање централно градско подрачје, сметам дека треба да се развива на тој начин. Планирањето на централното градско подрачје претставува убава референца, посебно овој простор кој има потенцијал да стане препознатливо обележје-лендмарк на Скопје. Нарачатели на плановите се општините, нашата улога е нивните политики да ги спроведеме на хартија.“, ни одговори Бојан Муличковски, сопственик на „БИЛД“.

„-Зошто единствен критериум е цената. Еве јас имам извадено еден пример од 20. август 2018, кога сте вие на функција, изработување на детални урбанистички планови за потребите на општина Центар, најповолната понуда ви е од понудувачот Билд по цена од еден денар.

Па... тоа не е, не може причината да се бара кај нас, причината е што таков беше Законот за јавни набавки, кој ѓто сега е променет. Не можеме ние да утврдиме, во формално правна форма он ја дал најниската цена.

-Не ви е сомнително тоа што некоја фирма се нафаќа за еден денар да изработува?

Нормално дека е чудно, ама од друга страна ги познаваме луѓето и кога ги прашуваме, они имаат тоа јавно електронско надавање, и сега се спушта едната, другата, вика ќе го работам јас, се спуштив на еден денар. Јас викам добро ама која ти е целта, бидејќи видете, на крајот точно е дека планерот го исцртува и го работи, ама ние му даваме насоки. Он не може да не исцрта што било и ние да му го усвоиме.“, РЕЧЕ Богдановиќ во интервју за 360 степени.

Но, иако планерите треба да работат според насоки од општините, во голем број ситуации одбиваат да поправат суштински забелешки од комисиите за урбанизам. Се случува дури и да речат дека ги внеле забелешките, а по проверката да се испостави дека не е така, во што им помага и законската дупка на отсуство на задолжителна обврска да докажат дека навистина постапиле.

„Тука е проблемот исто. Тоа се некакви повратни чекори кои се очекува дека се постапно. Ниеден што ги донесувал правилниците, не очекувал некој така несовесно да си ги работи плановите. Никој не очекува дека сега кога рекол дека постапил по забелешките, тој не постапува.“, вели Пенчиќ.

За спуштањето на цената за изработка на ДУП на само еден денар, ја прашавме конкуренцијата. Од планерската фирма ИН-ПУМА велат:

„За вредноста на урбанистичките планови, кои на јавна аукција се спуштиле и до цена од 1 денар, излишен е каков било коментар, со оглед на тоа што реалната вредност на чинење на ДУП изнесува од 750 евра/хектар до 1000 евра/хектар. Позадината на ваквото работење и делување во урбанистичката дејност најдобро може да ја објаснат планерските куќи кои работат урбанистичко-планска документација за 1 денар.“

Градоначалникот на Центар Богдановиќ вели дека во изминатиов период покренале постапки за речиси сите фази од процесот на градење.

„Дали е тоа Специјалното јавно обвинителство, бидејќи голем дел од „Скопје 2014“, начиот на оттуѓување и објекти беше спомнуван и во „бомбите“,  затоа треба да разделите пример тие предмети одат таму, па одредени сметаме дека треба да одиме кај финансова полиција, некаде треба да оди организиран криминал, некаде одиме директно со кривична пријава до Основното јавно обвинителство, така да, зависно од тоа што ќе видиме дека е прекршувањето, така ги поднесуваме сите пријави.

-Колку имате до сега поднесено?

Па ние искрено имаме дадено многу материјал.

-Има во тие пријави некоја планерска куќа?

Планерските куќи откако ќе ни се потврдат прекршувањата, тогаш си имаме начин како да постапиме против нив. Факт е дека и они треба да имаат обзир и да кажат што може, што не може, но најчесто налозите стигале од општината.“, вели Богдановиќ.

Кога е во прашање атрактивно земјиште, притисоците на сите нивоа се јавна тајна. Тоа го посведочи и поранешниот главен инспектор во општина Центар, кој стравуваше дека ќе биде уапсен, бидејќи и стои на патот на екс владејачката гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ. Во интерву за „Фокус“, во август 2015-та, меѓу другото посочува:

„Во постапка на спроведување на ДУП-овите и реализацијата на планираните градби, Секторот за инспекциски работи секогаш е најиндиректно изложен на притисоци за проведување на невозможното, односно реалната потреба на граѓаните за спроведување на нереално планираните ДУП-ови... Тука веќе навлегуваме во прашањето што е прво, кокошката или јајцето и знаете, имам навистина голема дилема дали градежниците се тие што се поврзуваат со планерите или обратно? Мое лично мислење е дека поттикнати од планерите (со ретки исклучоци), градежните фирми за максимизирање на својот профит доведоа до ова, вака да изгледаат денес, особено одредени делови на општина Центар.“, вели во интервјуто за „Фокус“ Кочо Стојчески.

Инспекторот што некогаш критикуваше сега самиот е мета на критики зашто во меѓувреме стана сопственик на градежна фирма, која гради во општина Аеродром. Во случајот со општина Центар, дилеми за судир на интереси, отвора и фактот што со секторот за јавни набавки, вклучувајќи го и нарачувањето ДУП-ови, сега раководи Георгиј Чурилов, син на Билјана Чурилова, членка на Советот на општина Центар, од СДСМ.

„Не ја гледаме причината дека тука има судир на интереси. Второ, мора да знае јавноста дека има одредени специфични позиции, за каде што ви треба човек што има поминато одредени обуки, сертификати итн., што се ретко во државата, бидејќи нажалост немаме таков кадар.

-Сакате да кажете дека тој е најдобриот кандидат што го има општинава?

Па ние сметаме дека тој е човекот кој ги исполнува налозите и работата.“, вели градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ.

Градоначалникот вели дека како што ќе се носат новите  планови, така постепено ќе се укинува и мораториумот.

„Е сега да ви кажам, ние во Комисија за урбанизам сме тројца од општината, двајца надворешни. Значи ние имаме и друга работа. Неколкупати ќе ги кажеме забелешките, не може постојано да се враќаме назад. Иако ние пробуваме, меѓутоа еве го, не можеме две години план да донесеме, и претходно сме ги гледале и уште ќе излезе седум години еден план не може да се донесе.“, потсетува проф. Дивна Пенчиќ, член на Комисијата за урбанизам во општина Центар.

Што ќе победи – интересите на бизнисот или на граѓаните за хуман јавен простор. Ако веќе не е предоцна...