Катругалос: Северна Македонија веќе испорача. Сега ние, Европската унија, треба да и возвратиме

Автор: Владимир Мирчески | пред еден месец | In depth

Во Брисел во организација на Романија и Грција, се одржа работен појадок на шефовите на дипломатиите на ЕУ посветен на европската перспектива на Северна Македонија. На појадокот присуствуваше и шефот на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос.

Во кратко интервју за„360 степени“, Катругалос во духот на новите односи меѓу двете земји, беше јасен во ставот дека земјава треба да добие преговори.. „Северна Македонија испорача и со преспанскиот договор и во делот на реформите и сега унијата треба да испорача“ – вели Катругалос.

- Грција ја поддржува европската перспектива на сите земји од Западен Балкан. Но, ова е процес базиран на заслуги. Сакавме да истакнеме дека Северна Македонија веќе испорача, со договорот од Преспа и со сериозни реформи поврзани со новата законска рамка за борба против криминал и реформа во јавната администрација. И дека ќе продолжи да испорачува. Ние, Европската Унија, треба да возвратиме. Тоа, во основа, е суштината на пораката од овој состанок. Дека има јасен интерес и за ЕУ и за Северна Македонија и за нашите граѓани и за самата европска идеја да се продолжи во јуни со охрабрување на европските перспективи на нашиот северен сосед.

Какви се шансите во јуни да се добие одлука за почеток на пристапни преговори за Северна Македонија, имајќи го предвид скептицизмот на некои земји-членки, како Франција?

- Има легитимни причини за загриженост ако се земе предвид актуелниот распоред на силите во Европската Унија. Имаме еден судир на идеи - каква Европа сакаме? Но, мислиме дека токму поради ова, бидејќи Северна Македонија ја прифати идејата на отворените општества, на решавање на проблемите преку дијалог, одбивање на нетолеранцијата и ксенофобијата, треба да го охрабриме нејзиното пристапување. Тоа ќе ни помогне на сите, на Европејците кои веруваме во Европа на човекови права и слободи, а не во европска тврдина, да ја зајакнеме нашата позиција.

На крај, дали сте задоволни од досегашното спроведување на договорот од Преспа?

- Да. Има проблеми, но и двете страни ги разгледуваат проблемите што се појавуваат и се обидуваме да ги решиме веднаш. Значи, обете страни се посветени да го почитуваат духот и словото на договорот од Преспа и покрај проблемите што се јавуваат и за кои е логично да се појават. Се справуваме со нив.