Хан: Борбата против корупцијата, законот за СЈО и за безбедносните служби се суштински

Автор: Владимир Мирчески | пред еден месец | In depth

Во Брисел во организација на Романија и Грција, се одржа работен појадок на шефовите на дипломатиите на ЕУ посветен на европската перспектива на Северна Македонија. На појадокот присуствуваше и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кој одговори на неколку прашања на „360 степени“.

- Тоа беше многу добар состанок. Помина во атмосфера на поддршка. Но, се разбира, има уште време до нашиот извештај и, во меѓувреме, Северна Македонија мора да испорача во неколку реформски области што се договорени. Нема причина да сме самозадоволни, но бевме уверени од министерот и вицепремиерот дека работите се движат. Повторно, реакциите на министрите за надворешни работи беа во насока на поддршка.

Кои се најважните работи што заслужуваат поголемо внимание?

- Не повеќе внимание туку одржлива имплементација. Колегите забележаа дека носењето закони е една работа, а спроведувањето на законите е нешто друго. Се чини, сите ги фалат мерките преземени од владата, но и честата поддршка од опозицијата што, исто така, е важно за позитивно расположение меѓу земјите-членки. Ако национална цел, како што е идното членство во Унијата, е поддржано од сите клучни играчи во една земја, се смета дека е национална цел. Но, уште еднаш, борбата против корупцијата, законот за специјалното обвинителство и за безбедносните служби, сето ова се суштинските елементи за следните неколку недели. Се разбира, мора да видиме и како во иднина ова ќе се имплементира. Сепак, сите беа јасни дека ова е почеток на едно долго патување.

Што е со земјите кои се скептични кон проширувањето, како Франција?

- Па, денеска тие во голема мера беа, ако можам така да кажам, едногласни во ставот дека се наградуваат постигнувањата, договорот од Преспа и неговата имплементација, и тоа е она што е важно. Уште еднаш, тоа е големо постигнување, но останува да се направат уште многу работи и тоа е вистинскиот пат за напредок.