Ни третина жени не се опфатени со бесплатниот пап-тест за рано откривање на рак на грлото на матката

Автор: Маја Пероска | пред една недела | In depth

Првата линија во борбата против ракот на грлото на матката во државата веќе седма година е бесплатниот ПАП тест за сите жени меѓу 24 и 60 години.

„За целиот период од кога се спроведува организираниот скрининг, ниту една третина од жените не се опфатени со оваа програма“ – вели Борјан Павловски од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените „ЕСЕ“.

Близу половина од жените воопшто не добиле покана за бесплатен преглед, од банална причина што немаат избрано матичен гинеколог.

„Одам кај докторот, да види резултатот. Многу си чекала, ми вика. Докторе, па немав никакви проблеми, никакви симптоми“ – вели жената чиј идентитет сакаше да остане анонимен.

Од почетокот на деценијава расте бројот на починати жени од рак на грлото на матката. Зошто и по 7 години, тешко заживува програмата која живот значи.

Нашата соговорничка има повеќе од 60 години. Се согласи да зборува само анонимно за тема која засега половина од населението во земјата. Преживеала напредна фаза на рак на грлото на матката, откако претходно 25 години не чувствувала потреба да оди на гинеколог.

„Ги чекав резултатите, после пак отидов на гинекологија ги носев резултатите, викаат нема операција. Ми дадоа упат за онкологија. Па терапија одма под хитно, прво „тетовирање“, кај треба да се зрачам, па отидов инфузии да примам, па зрачење“ – истакна жената со анонимен идентитет.

Многу жени ја немаат среќата да ја преживеат болеста кога е во одмината фаза. Но сите, имаат право на бесплатен ПАП тест еднаш во три години, кој открива ризик од појавување на болеста. Невладината организација ЕСЕ неодамна пресмета дека бесплатниот тест го искористиле само 28 отсто од жените и тоа не за три, туку за петгодишен период.

„Многу матични гинеколози изјавуваат дека адресите кои жените ги имаат, не се реалните места на живеење на жените. Па така, голем процент од жените не ги ни добиваат поканите. Недостигот на здравствена едукација и информација до жените, влијае и на тоа и жените кои ја добиле поканата, да не се јават на преглед“ - информира Борјан Павловски од невладината „ЕСЕ“.

Во развиените европски земји опфатот на превентивните програми е околу 75%. Така, не се изненадување и разликите во смртноста.

„На пример, во 2014 година, стапката на смртност е 4,1 % на 100 илјади жени, што е значително повисоко во однос на претходните години и значително повисоко во однос на просекот на стапката на смртност кој важи и во земјите на ЕУ“ – вели Дарко Антиќ од невладината „ЕСЕ“.

Анализата на ЕСЕ покажува апсурдна ситуација. Од 2008 до 2011 година паѓа бројот на смртни случаи од рак на грлото на матката во земјава. По воведувањето на програмата во 2012, бројот на починати се искачува од вкупно 15 во целата земја во 2011-та, на 47 во 2016-та. Во 2017 година бројот на смртни случаи е 30, но рано е да се каже дали е тренд или изолиран случај.

„Ние со години наназад, предлагаме министерството да подготви електронски софтвер, кој ќе овозможи полесно поканување и следење на тоа дали жените се јавиле на преглед, кој е исходот од направениот преглед, кој е резултатот кој е наодот и како понатаму би се спроведувало лекување и што е потребно да се направи понатаму за соодветен опфат на жените со програмата за скрининг“ – рече Борјан Павловски од невладината „ЕСЕ“.

Планирањето и буџетирањето на програмата за рано откривање на ракот на грлото на матката е на министерството за здравство.

Организираниот скрининг на рак на грлото на матката е една од компонентите од програмата за рана детекција на малигни заболувања во која се вклучени 5 различни скрининзи. Вкупната програма во просек, на годишно ниво, изнесува околу 23,5 милиони денари, а 9,3 милиони денари годишно се користат за скринингот на рак на грло на матката, или 39 отсто од вкупниот буџет на програмата.

Ако се одземат парите за исплата на стари долгови, лани државата одвоила околу 140 илјади евра или 8,65 милиони денари за сите активности поврзани со тестирањето за рак на грлото на матката. Годинава, сумата е помала- вкупно се предвидени околу 125 илјади евра или во денари, 7,75 милиони.

Зошто има помалку пари годинава за скрининг на рак на грлото на матката беше само едно од прашањата кои го поставивме до Министерството за здравство, откако ја одбија поканата за интервју. Одговорија дека е задржан ланскиот вкупен буџет за програмата за рана детекција на малигни заболувања што значи дека е возможна внатрешна прераспределба ако затреба. Од министерството признаваат дека опфатот на жени кои добиваат покана за бесплатен преглед е незадоволителен, но и дека е мал одѕивот и кај поканетите.

„Според Центрите за јавно здравје, вкупниот број жени кои примиле покани во 2018 година изнесува 46, 438, додека 17 477 од нив, не се јавиле на преглед што претставува голем процент или 38 отсто. Најголем процент на жени кои примиле покана, а не се јавиле на преглед се бележи во Тетово, Гостивар и Скопје“ – информираат од Министерството за здравство.

Таму каде не помагаат кампањите за зголемување на свеста или пак нема доволно гинеколози, од здравство велат дека ќе интервенираат со програма за патронажна посета на гинеколози. А веќе се води стручна дебата и за тоа дека освен ПАП, скринингот да опфати и други тестирања.

„Жените над 30 години да прават ХПВ тест како примарно и врз база на тоа да се одлучува понатаму што треба, зависно дали се тие позитивни на типот 16,18 и на други високо ризични, или се негативни, а жените под 30 години и девојките, треба да прават котестирање – и ХПВ и ПАП тест“ – истакнува доцент д-р Горан Димитров, претседател на Здружението за цервикална патологија и колпоскопија

Но, на крај, многу работи се сведуваат на свеста за здравјето. Една од ѕвездите на „Фчерашни новости“, Маја Марковска, имала среќа навреме да го открие ракот на грлото на матката на систематски преглед. Но, не крие дека само парите ја спасиле да не и биде загрозено и репродуктивното здравје.

„Кај нас во Македонија, се уште протоколот за канцер на грло на матка е радикална хистеректомија, односно отстранување на цела матка и цел репродуктивен систем. Мојот стадиум на канцер дозволуваше да имам делимично лапараскопско отстранување на грло и лимфни јазли. Јас имав среќа затоа што имав пари, можев да платам, за да можам да го добијам тој третман и тој вид на интервенција“ – смета Маја.

Вели дека дијагнозата и болеста ја направиле различен човек. И апелира:

„Ако го учиш да мие заби, откако ќе му пораснат заби, така го учиш дека треба да оди на гинеколог, или ако е момче да прегледува репродуктивни органи, еднаш во годината минимум, исто така, многу просто и едноставно“ – порачува Маја Марковска.