Силјановска-Давкова: Не сум го премолчела „груевизмот“, но сега една фамилија е заменета со друга

пред една недела | Дебати

Професорката Гордана Силјановска-Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, во интервју за емисијата „360 Степени“ зборуваше за мислењето во дел од јавноста дека „го преспала“ „груевизмот“ и се разбудила во „заевизмот“.

Таа вели дека се работи само за новинарска перцепција и дека таа зборувала и за негативните тенденции во времето на претходната власт, забележувајќи дека таа не е дежурен политички аналитичар и внимала да не се појавува често во медиумите.

- Воопшто не се согласувам дека сум го премолчела „груевизмот“, напротив, го критикував, дури и во Венецијанската комисија, па можеби и затоа бев сменета. За авторитарното владеење, тоа го пишувам тука, дека е тоа изданок на титоизмот, за корупцијата, за криминалот - рече Силјановска.

Таа прашува зошто не била дел од ниту едно владино тело, ако не го критикувала груевизмот, односно ако била дел од него.

- Сега, брзината на донесувањето на законите, дури и кога се по скратена постапка, е како да се по итна. Дури и измените на многу важни закони. Сакате Кривичен законик, сега Закон за амнестија, да не говорам за чудесното гласање за амнестијата, да не говорам за измени кои по скратена постапка, со европско знаме, кои немаат ништо европско - рече Силјановска.

Таа вели дека е селективен погледот во медиумите за овие работи.

- Едно ропство беше заменето со ново ропство, за многу покус период - рече Силјановска.

Таа вели дека џабе е тоа што сега повеќе се зборува и се критикуваат постапките на власта.

- Чуму ви е зборувањето кога се си останува исто. Дури може да биде тоа демократски декор. Кажете ми мене, каде се промените, дали нема корупција, дали нема криминал, дали нема непотизам... чудовишни размери. Една фамилија сега е заменета со друга фамилија - рече Силјановска.

На забелешката дека ова ретко го кажувала до 2017, таа рече дека сега е кандидат за претседател.

- Сега сум веќе јас во предворјето на политиката и сигурно нема со научните тези да ги освојам граѓаните - рече Силјановска.