Интервју со Флекенштајн и Кукан: шансите за почеток на преговорите со ЕУ во јуни не се лоши

Автор: Александар Димитриевски | пред 2 недели | In depth

Шансите за Северна Македонија во јуни да ги почне пристапните преговори со ЕУ - не се лоши. Ова е оценка на германскиот европратеник, левичарот Кнут Флекенштајн, кој со неколкумина колеги во Скопје ги скенираше реформите неопходни за позитивна одлука на земјите-членки на ЕУ. Во краткото интервју, заедно со колегата-десничар Едуард Кукан, одговараат и на прашања за влијанието на европските избори на одлуката за земјава, како и за улогата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во процесите дома.

Какви се шансите за Северна Македонија официјално да ги почне пристапните преговори со ЕУ?

Шансите не се лоши, бидејќи многу реформи се почнати во однос на конкретните барања и мислам дека има добри шанси Владата и парламентот да ги исполнат овие барања. Ова е нашиот заклучок од вчера и денеска.

Колку сте задоволни од брзината и квалитетот на реформскиот процес во земјата?

Од Европската комисија, која ги води преговорите, знаеме дека вашата Влада активно прави се што може за да ги исполни критериумите, бидејќи тоа е единствениот начин да се добие позитивна препорака на јунскиот Европски совет годинава. Нема многу време. Наскоро имате претседателски избори, па реформите мора навистина да бидат со добар квалитет и да бидат целосни. Треба да се однесуваат на сите критериуми што треба да се исполнат. Мислиме дека напредувате добро, па шансите се добри. Но, шансите може да се остварат само кога 100% од реформите ќе бидат завршени.

Дали е тоа возможно?

Не. 100% можеби не. Но, главната работа е да се донесат законите и да започне спроведувањето. Се разбира, никој не очекува се да биде имплементирано во толку краток период. Но, политичката волја на Владата и на парламентот е јасна и може да се види какви закони се носат.

Дали ги гледате изборите за Европскиот парламент како важен фактор во конечната одлука, особено имајќи го предвид воздржаниот став на Франција и на Холандија?

Затоа и претерав кога реков дека мора да  исполните 100% од бараните реформи и тогаш никој не може да каже ништо против. Но, се согласувам дека политичкиот тренд, кој е многу јасен, е дека правите се што можете и дека се повеќе работи се прават. Европските избори, секако, ќе бидат важни. Ќе има нов Европски парламент по изборите. Не верувам дека ќе има драматични промени, дека ќе има толку претставници на оние нови популистички партии за да имаат мнозинство. Мислам дека традиционалните партии ќе бидат најсилни и ќе ги постават приоритетите на понатамошниот развој во Европскиот парламент. Исто така, треба да знаете дека Европскиот парламент секогаш го поддржува проширувањето. Тоа е случај и со Северна Македонија.

И многу сме јасни. Очекуваме од Советот да се држи до своите ветувања. Мнозинството во Европскиот парламент е јасен – отпочнување на пристапни приговори со датум за почеток.

Извештаите за напредокот на земјите-аспирантки ќе бидат објавени по европските избори. Дали е тоа добро или лошо?

Заплеткано е.

Заплеткано е, но ако ја завршите домашната работа, тогаш не е важно кога ќе биде објавен.

Дали се сретнавте со најголемата опозициска партија и како би ја оцениле нејзината улога во процесот?

Да, се сретнавме со лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Не интересираше ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на учеството во дијалогот „Жан Моне“, за што тие неодамна рекоа дека го замрзнуваат своето учество. Тие не уверија дека ќе учествуваат, дека актуелната одлука е само привремена, дека сакаат целосно да учествуваат во дијалогот. Се разбира, во оваа ситуација секогаш има улога за опозицијата. За прашањата што се од долгорочен интерес за државата, опозицијата би требало да одигра позитивна демократска улога. Знам дека е тешко да се има „мазна“ соработка меѓу владејачките и опозициските партии, но ние апелиравме до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека тие треба одговорно да ја исполнат својата патриотска должност.

И, немам сомнеж дека, иако има одредени проблеми помеѓу, немам сомнеж дека го мислат тоа. И ова е добро чувство.

Дојдовте во Скопје од Тирана. Како ги оценувате шансите на Албанија да напредува кон официјален старт на пристапни преговори со ЕУ?

Ако Советот се концентрира на факти, како судските реформи, процесот на ветинг, тогаш би требало да имаат добра шанса. Ако ја земеме предвид политичката ситуација, со враќање на мандатите, излегувањето на улица, насилните демонстрации, тоа се слики на проблеми. Јас, ние всушност, ќе го повикаме Советот да ги земе во предвид фактите. А, фактите се дека тие напредуваат добро во спроведувањето на реформите.