Што се смени и дали воопшто нешто се смени во ЕЛЕМ со смената на власта

Автор: Петар Клинчарски | пред 3 месеци | In depth

Електрани на Македонија или скратено ЕЛЕМ е синоним за најпосакувана државна компанија за вработување. Во очите на јавноста е и синоним за непотизам. Од 18-те случаи на вработувања на функционери од власта што ќе ги проверува антикорупциската комисија, една третина се во ЕЛЕМ.

- Внатре во самата компанија ние правиме дополнителна анализа за тоа како одредени лица успеаја да се вработат во нашата компанија – вели генералниот директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски.

Актерите се менуваат, но не и трендовите. Сегашната власт, кога беше во опозиција, обвинуваше дека ВМРО ДПМНЕ вработува во ЕЛЕМ по партиска линија.

- Вработувањето на нови 625 партиски војници ќе значи дополнителен притисок за цената која ќе ја плаќаат сите граѓани преку ново поскапување, говореше Јани Макрадули во 2012-та година.

Уште еден тренд останува ист: СДСМ, како опозиција, за ангажирањето надворешна механизација за транспорт и ископ на јаглен, велеше дека е кражба на столетието и најавуваше дека кога ќе дојде на власт, ЕЛЕМ ќе купи свои машини. Досега ништо од ова не е реализирано.

- Уверен сум дека успешно ќе ја завршиме таа набавка и дека на крајот на 2019-тата година ќе имаме сопствени машини, тврди Миновски.

Што слушнавме во бомбите?

Разговор помеѓу Гордана Јанкуловска и Сашо Мијалков

Г.Ј.Ти пуштив СМС за овој од ЕЛЕМ.

С.М. А што беше тоа за ЕЛЕМ кажи ми?

Г.Ј. Епа ти нели ми се јави за тој Владимир Поповски, што ми го пушти по СМС, за вработување за конкурсот.

С.М. Да, знаеш, ја заборавив шо ургираше за тоа, шо праеше, како беше..

Г.Ј. Ти заборави, ама му завршивме работа...

С.М. Завршивме работа, така?

Г.Ј Да.

С.М. За у ЕЛЕМ?

Г.Ј. Да за у ЕЛЕМ ќе ти се јави.

Разговор помеѓу Влатко Чинговски и Сашо Акимоски

В.Ч. Знаеш дека има конкурс, знаеш кои се пријавени! Ќе ги направиш, ќе кажеш кој треба да помине, кој не! Кој сакаш да го направи тоа?!

С.А. Ама директоре, мене не ми е дадено, значи за овие и овие решавај. Треба да знам за кои места, значи има таму по образование.

В.Ч. Ама што да ти дадеме? Ти си во ХЕЦ Маврово, вработен си. Знаеш дека има конкурс објавен, ќе си прашаш кои се пријавиле на тој конкурс. Списокот ќе си го земеш од горе, ќе си провериш.

Во 2015-та јавноста ги слушна разговорите што ги објави СДСМ како доказ за партизирање на државните институции и фирми со членови на ВМРО ДПМНЕ. Една од нив беше и ЕЛЕМ, компанија која тогашната опозиција и претходно ја обвинуваше за недомаќинско работење.

- Сосема е нејасно, зошто има потреба од толку нововработени во ЕЛЕМ кога нема ништо изградено? Вообичаено бројот на вработени во хидроелектраните е многу мал, што уште повеќе најавите за нови партиски вработувања, ги прави сомнителни, прашуваше тогаш Јани Макрадули.

Пет години по оваа изјава, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ ротираа на позициите власт–опозиција, но приказната за ЕЛЕМ како да не се смени. Нема аудио материјали, но вработувањата на ќерката на Талат Џафери, братот и синот на пратеничката Мира Стојчевска, сопругот на државниот секретар во МВР, Магдалена Несторовска, сестрата на министерот за култура Асаф Адеми, дедото на Александар Кирацовски, излегоа во јавноста и повторно отворија сомневања за партиско фаворизирање.

- Внатре во самата компанија ние правиме дополнителна анализа за тоа како одредени лица успеаја да се вработат во нашата компанија. Во однос на вработувањето на господинот Виктор Стојчевски, ќе кажам дека тој е вработен овде во ЕЛЕМ. Но, во однос на другите вработувања ќе кажам дека тие се направени по други подружници односно во РЕК Битола, ХЕЦ Маврово, исто така и во ФОТ Битола, подружници кои имаат целосна автономија при изборот на своите вработени – објаснува директорот на ЕЛЕМ, Миновски.

За апелот на премиерот Зоран Заев сите нововработени роднини на функционери да се повлечат од работните места, Миновски вели дека тоа е нивна лична одлука. Во меѓувреме, ќе ги чека одлуките на антикорупциската комисија, која отвори постапка за овие случаи.

До крајот на 2019 г. планот на компанијата е да вработи дополнителни 500 лица привремено или на неопределено време. Од нив, 72-ца веќе засновале работен однос во првите два месеца од оваа година. Во таа бројка се и блиските на функционерите.

Една од тезите на СДСМ од опозиција беше дека новите вработувања во ЕЛЕМ се целосно неоправдани, зашто иако расте бројот на вработени, паѓа производството на струја.

- 2017-та година ја дочекавме со 4.900 вработени во компанијата, имавме 4.080 гигават часови, за во 2018 - тата да имаме помал број на вработени - 4.730 вработени, но имаме зголемено производство, не е толку големо и видливо, но се надеваме дека во наредниот период со производство 4.500 гигават часови и со број на вработени со 4.730, ќе произведеме електрична енергија онолку колку што е потребно, дополнително за продажби на електрична енергија на слободниот пазар и ќе направиме подобри финансиски резултати со работењето на компанијата – вели Миновски.

Едно од главните ветувања на Миновски датира од пред година и половина кога ја презеде функцијата. А тоа е дека новото раководство ќе го напушти трендот на трошење вртоглави суми за ангажирање надворешна механизација, пред се, во РЕК Битола. Но, праксата е идентична со претходната.

- Точно, бидејќи немаме набавено се уште помошна и циклична механизација, наша сопствена од компанијата. Во март минатата година, објавивме тендер за набавка на помошна механизација за потребите на АД ЕЛЕМ, но беа пријавени неколку компании, голем број на компании, при техничкиот дијалог беа поставени многу прашања, анализите покажаа дека со сегашниот Закон за јавни набавки, каде цената е единствениот критериум за избор на најповолен понудувач, квалитетот ќе изостане. Ќе купиме нашини и опрема кои нема да ги задоволат потребите на компанијата, а парите ќе се потрошат. Направените анализи покажаа дека е подобро да почекаме да влезе новиот Закон за јавни набавки, каде квалитетот ќе биде една од можностите за избор односно рангирање на комапниите и каде ќе можеме да купиме навистина квалитетна опрема – се правда Миновски.

Во времето на Миновски потрошени се 23 милиони евра за ангажирање фирми кои копале јаглен и јаловина или обезбедувале помошна механизација во рударско-енергетските комбинати. Фирмите што добиле најмногу од парите се истите од годините кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ: Марковски Компани и Пелистер Битола.