360° Скапи лобисти за „ефтин“ популизам

на 12.2016 | In depth

Она што недостига за да се комплетира информацијата пласирана во овие извештаи е дека авторот – Адам Ерели во моментот е дел од моќна лоби-група со седиште во Вашингтон чија работа, меѓу другото, е да одработува за своите клиенти токму преку објавување вакви текстови во влијателни американски медиуми. Но, овој случај не е изолиран. Во последната година македонската јавност е бомбардирана со слични написи публикувани во САД, а пренесени во нашите медиуми, кои имаат една генерална линија – да се афирмира владејачката партија, а да се критикуваат опозицијата и институциите што не се по ќеф на ВМРО-ДПМНЕ.

„Лобирањето е право на секоја политичка партија или поединец, меѓутоа ваквото пренесување на информациите кај нас. Тоа се информации, но не од таков карактер како што сака да се прикажат во медиумите претставува сериозен проблем на почитување на професионалните стандарди и тој проблем не е присутен само последниве месеци, туку последниве децении и можеби од година в година се влошува и затоа состојбата со медиумите е таква каква што и е оценета од меѓународните институции како влошена“ – вели директорот на Агенцијата за медиумски услуги Зоран Трајчевски.

Вашингтон, освен што е главен град на САД, неофицијално се нарекува и светска престолнина на лоби-групите.

Заради транспарентност на која американските лобисти законски се обврзани пред федералната влада, јавно достапни се документи од кои се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ месечно плаќа десетици илјади долари за сопствена и за промоција на Груевски во тамошните политички и медиумски кругови. Но, достапна е и целокупната активност на лобистите за секој клиент поединечно.

Конкретно, текстот со наслов „Нападот врз слободните медиуми е напад врз сите нас“, потпишан од Мајкл Михан, кој дел од македонските медиуми го пренесоа како автентична колумна на признат американски експерт за медиуми, всушност, е текст платен од ВМРО-ДПМНЕ. Ова е документот што го докажува тоа. Лоби компанијата „Њу партнерс инишиативс“, ангажирана од ВМРО-ДПМНЕ, пред надлежната американска агенција „ФАРА“, го навела текстот меѓу задачите завршени по барање на клиентот од Македонија.

„Мора да се прави разлика меѓу она што се пр-текстови, адвертајзинг и нешто што е автентичен новинарски производ, значи мора да се направи јасна разлика. Од друга страна ако се преземе таков материјал мора јасно да се наведе изворот за јавноста да биде свесна за што станува збор, во спротивно јавноста лесно може да биде доведена во заблуда да се креираат погрешни перцепции, па дури и да се гледа на реалноста онака како што таа не е“ – вели универзитетската професорка Марина Тунева.

Како јавноста во Македонија да се заштити од ова скриено политичко рекламирање кое се продава како став на американски експерти и аналитичари во нашите медиуми?

„Ингеренциите на агенцијата во овој дел се многу мали, или минимални, или да кажеме и дека нема ингеренции. Ова е предмет на саморегулација и на почитување на професионалните стандарди од самите новинари. Не можеме ние како институции, такви институции нема никаде во светот, да им кажеме на новинарите како треба да известуваат. Професионалното новинарство е исто дали е во Франција, Италија, САД и такво треба да биде во РМ. Тоа е прашање на саморегулација – почитување на професионалните стандарди. Така е секаде во светот. Останува на совеста на новинарите кога пренесуваат вакви текстови да кажат дека се тие резултат на лобирање“ – вели Зоран Трајчевски.

Кодексот на новинарите во Македонија, во кој е наведено што треба, а што не треба да се прави, е документ од 17 члена, па речиси да може и на памет да се научи.

„Не смее да се дозволи рекламирањето и другите комерцијални мотиви да влијаат врз слободата на информирањето – вели кодексот. Но, практиката покажува дека пр-текстови на лобисти, во Македонија се пласираат како регуларни новинарски извештаи. Има уште еден важен аспект во сето ова – ВМРО-ДПМНЕ добива буџетски пари за освоените гласови на избори, што значи дека своето лобирање во сад, а преку тоа и скриеното политичко рекламирање дома, го плаќа со пари на македонските даночни обврзници“.

Екс-амбасадорот на Македонија во Вашингтон Никола Димитров за „360 степени“ ја анализира и пошироката слика од ваквиот пр-пристап на ВМРО-ДПМНЕ..

„Мислам дека овој сериозен финансиски зафат има двојна цел. Ако шпекулирам и ако ме турнете да се решам ќе кажам дека целта пред се е да се влијае врз политиката во Вашингтон за степенот на ангажман на американската дипломатија во решавањето на кризата на одговорност во Македонија. Секако дека тоа е врзано со почеток на кризата – датумите на сите договори склучени со лобисти во Вашингтон укажуваат на тоа. Но, тоа се рефлектира и дома. Текстови се објавуваат во американски весници кои се пренесуваат овде како да се објективни вести, а тоа не некаков начин дава сигнал дека ете во светот има некаква поддршка за антиполитиката на Груевски“ – вели Никола Димитров.

Клучна лоби-агенција со која владејачката партија има склучено „најтежок“ договор од 50.000 долари месечно е „Дашл групата“ со која раководи влијателниот екс-сенатор од редовите на демократите Томас Дашл. Дека подготвеноста да се сработи за клиентот е над се, зборува и брифингот на „Дашл - групата“ работен за Белата куќа, Стејт департментот и за Конгресот и Сенатот, непосредно по одлуката на Ѓорге Иванов за групното помилување. Брифингот содржи погрешни факти, но и тенденциозни интерпретации на точни факти со цел - Иванов да се прикаже како независен од ВМРО-ДПМНЕ, Груевски како политичар што не го сакал помилувањето, а Заев како некој што би имал најголема полза од тоа, бидејќи, како што се вели во документот, самиот му побарал на Иванов да го помилува за да може да учествува на следните избори. Во брифингот подготвен од лобистите на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото, се наведува и дека претседателот на ДИК Александар Чичаковски е член на СДСМ.

Димитров не е изненаден од отсуството на објективност кај лобистите. Вели „професијата лобист тешко може да се поврзе со „етика“.

„Мислам дека лобист што се нафаќа да работи само за каузи за кои верува, најверојатно, не е меѓу најуспешните лобисти. За споредба во Европа нема таков регистар и ние не знаеме дали и какви лобисти Груевски има во Брисел или во некои европски држави. Она што ми пречи кај американските лобисти е Дашл групата зашто не се работи само за лобист, туку и за бивши сенатор, лидер на мнозинството во време на демократите, и актуелен заменик-претседавач со НДИ. Таа организација, според нејзината мисија се занимава, со одговорност на владеењето и тоа е многу тешко спојливо, контрадикторно со нашата криза на неодговорност“.

„360 степени“ ја праша централата на НДИ во Вашингтон, чиј прв човек е Медлин Олбрајт, за став - како вториот човек во нивната структура Томас Дашл функционира како лобист, застапувајќи ставови на клиент кои се во спротивност со принципите за кои се залага националниот демократски институт. Одговор не добивме. За очигледната контрадикција, одговор не добивме ниту од „Дашл групата“.