Филипче: Тоа што повредените се носеа во болницата „8 Септември“ воопшто не беше случајно

пред еден месец | Дебати

Министерот за здравство, Венко Филипче, во дебата на „360 Степени“ на Алсат, зборуваше за одговорот на здравствениот систем на трагедијата кај Ласкарци.

Тој коментираше видео направено во болницата „8 Септември“ каде беа примени најголем дел од повредените, а на кое се гледа како тој преку радио врска бара возилата на Брзата помош веќе да не се упатуваат таму, бидејќи болницата е преполнета.

- Тоа што толку голем број на пациенти дојдоа во болницата „8 Септември“ воопшто не беше случајно. Сето тоа беше многу добро испланирано. Таму се обезбедија 40 празни болнички кревети, се повлекоа сите доктори и медицински сестри коишто работат на дијагностика, на рендген апаратите, на апарати за компјутерска томографија, и се обезбедија 7 кревети за интензивна нега. Се повлекоа анестезиолозите и медицинските сестри од дома да дојдат и да бидат на располагање, и сите за рекордно време од 15-на минути се створија на своите работни места исто како да е 8 часот наутро. Кога веќе почна да се пополнува тој капацитет од триесет и нешто пациенти, рековме дека брзата помош треба да ги носи пациентите и во другите институции - рече Филипче и кажа дека експресно дошол кадарот и во другите медицински установи.

За одлуката зошто најголемиот број на повредени беа донесени во овааа болница, Филипче кажа дека причина е локацијата бидејќи е поблиску од местото на несреќата, како и дека се обезбедиле доволен број на легла.

На прашање за тоа колкав број на повредени биле донесени со приватни возила, дали имало некаква координација со луѓето кои ги носеле и дали со тоа болницата била преоптоварена, Филипче е дециден дека тоа не се случило.

- Болницата „8 Септември“ не беше преоптоварена, туку имаше и се уште има доволен број кревети. Направивме добра координација - рече Филипче.

Тој кажа и дека приватната болница „Систина“ го повлекла и својот хируршки тим да бидат спремни и да чекаат пациенти, но, дека сепак немало потреба за пренесување пациенти во оваа болница.

Тој кажа дека само тројца повредени биле пренесени со приватни возила, иако има сведоштва на луѓе кои донеле повеќе пациенти.

Како што рече Филипче, првото амбулантно возило пристигнало за период од 14 минути по повикот во Брза помош.

- Првото возило има тим за тријажа и останало на местото на несреќата. По првите 3, пратени се и преостанатите 6 возила од Скопје, 4 од Тетово и уште 2 од Гостивар, па приватните ги испратија своите возила, 3 од Систина и 2 од Неуромедика. Направивме исклучително успешна акција и го покренавме целокупниот здравствен систем во период од 15 минути - рече Филипче.

Тој вели дека целата координација била на иницијатива на Министерството за здравство, а на прашање дали има простор за подобрување на системот за одговор во вакви случаи, тој одговори - „се разбира“.