Репортажа: Блокиран главниот булевар во Тирана, блокиран и патот на Албанија до ЕУ

Автор: Хекуран Акифи | пред 8 месеци | In depth

Од оваа перспектива Тирана оддава впечаток дека е уште еден обичен ден. Граѓаните на албанската престолнина ги извршуваат секојдневните обврски.

Но, главниот булевар покажува нешто друго - политички поделено општество.

Браќа и сестри, законот е закон, освен кога не сакаат Еди Рама и Илир Мета. Тие се влезени во една спирална политичка криза.

Опозицијата повеќе од два месеца е во таканаречениот „Шатор на слободата“. Исто толку време ја бојкотира и работата на парламентот. Тие инсистираат дека нема да учествуваат во работата на институциите до формирање техничка влада, која ќе гарантира слободни и демократски избори на 18 јуни.

„Според размерите што ги има добиено одгледувањето и шверцот на дрога во Албанија, не станува збор за криминална активност што може да има раст и пад во зависност од борбата, станува збор за политички проект на актуелната влада. Второто прашање што се надоврзува на дрогата, но не само со неа, е промовирањето од г. Рама на лица со криминално минато, кои станаа пратеници, градоначалници и високи функционери на државната администрација. Со ова ниво на криминализација на високата државна пирамида, со приходите и појавата на одгледување дрога, не може да има слободни и фер избори“, вели Алдо Бумци, од Демократската Партија.

Колку и да се обидува да не ги слушне барањата на опозицијата, тоа е невозможно за премиерот на Албанија, Еди Рама, бидејќи  “Шаторот на слободата“ е поставен пред неговиот кабинет.

Од партијата на премиерот Рама велат дека се преземаат сите мерки за борба против криминалот и трговијата со дрога за што се обвинети од опозицијата. Власта е убедена дека бојкотот на опозицијата се прави за са се спречат реформите во судството кои ЕУ ги постави како услов за почнување на преговорите за членство.

„Доаѓајќи од господинот кој е лидер на опозицијата, тешко ми е да поверувам дека тој реално го бара ова. Но, да не го заборавиме фактот дека во сите претходни истражувања што ги правеле и тие и ние, произлегува дека поразот на господата од опозицијата би бил голем пораз, и ова што сега се случува ги поттикнува да делуваат на овој начин, а да не зборуваме за кардиналното прашање, поради кое тие се забарикадирани во шаторите, а тоа е спречување на прочистувањето во судството. „Ветингот“ е повеќе од напредна реформа, ние знаеме дека тој ќе ги засегне и тангира интересите на многу лица што се занимавале со политика, особено, неправедното судство во Албанија“, вели Мими Кодели, Социјалистичка партија.

Бидејќи реформите во судството се клучни за интеграцијата на Албанија во ЕУ, во спорот меѓу социјалистите на Рама и демократите на Баша се вмеша и меѓународната заедница. Станува збор за закон, според кој, секој судија или обвинител што нема да може да докаже од каде му е имотот, ќе треба да ја напушти функцијата. Актерите кои сега се конфронтираат, пред една година едногласно усвоија уставни измени како основа за реформите. Целиот процес требаше да заврши со усвојување закони, нешто што во моментот е невозможно, бидејќи без опозицијата во парламентот ги нема потребните две третини од гласовите. И додека во многу земји, критиките од Брисел претежно се насочени на адреса на власта, во Албанија се случува спротивното, се критикува опозицијата.

Меѓународната заедница повеќе пати од политичките фактори побара што поскоро да се реши политичката криза и да се даде поддршка за ветингот – прочитувањето на судството, кој е еден од условите за отворање на преговорите за членство во ЕУ. Побаравме став и од нив за ситуацијата овде во Албанија, но поради пребукирана агенда, не успеавме да обезбедиме изјава.

Дали на 18 јуни ќе има избори во Албанија, кој ќе учествува на нив и каква влада ќе ги организира, зависи и од партијата Социјалистичко движење за интеграција на Илир Мета, која е дел од владината коалиција. Тие се против бојкот на изборите, што е став на опозициските демократи, но не се согласуваат и со својот коалициски партнер дека главна точка се реформите во правосудството.

„Ветингот“ е еден од многуте други закони, тој е закон од посебна важност, но не е се, и секој што вели дека се почнува и завршува со „ветингот“, тој е во заблуда. „Ветингот“ има улога, треба да се спроведе на најдобар начин, има посебна улога во интегритетот, особено на моралниот интегритет на новиот правен систем, но е еден од многуте закони, бидејќи целата судска власт ќе биде обновена од почеток и овие се фундаментални закони, и верувам дека оваа реформа е неповратна. Така што, Социјалистичкото движење за интеграција беше многу јасно во својата позиција што се однесува до политичката конзистентност на политичките алијанси, тие ја имаат својата важност, но тие се релативни во однос на доброто на земјата, но и на нејзината стабилност, а тоа е стабилност која не е поврзана само со Албанија, туку е стабилност што влијае и пошироко“, вели Петрит Васили, СДИ.

Кој е во право? Што е најважно за Албанија во овој момент? Различни ставови за овие прашања имаат и политичките аналитичари. Арманд Шулаку го разбира притисокот на меѓународната заедница за реформи во судството, но смета дека тој е едностран.

„Гледано од страна, како што гледаат и европските канцеларии, како што беа последните ставови на ЕУ, на Берлин, одат претежно во оваа насока, како што велите вие, дека опозицијата го блокира парламентот и институциите, опозицијата го блокира политичкиот живот во земјата, мислам дека на прв поглед ова е првото нешто што ви паѓа на памет и овие изјави и притисоци не можете да ги критикувате, бидејќи наизглед е така. Но, ако проблемот се погледне малку подлабоко, секако дека изборите се мотор на една демократија, но тој мотор не може да функционира нормално ако другите делови се блокирани и зарибани. Така што, ние тука во Албанија зборуваме за едно мнозинство, за влада која ги контролира речиси сите медиуми, како што се случуваше со вашата претходна влада. Имаме мнозинство или партија на власт чиј главен корпус се бизнисмени или луѓе кои се производ на клиентелистичката политика на премиерот“, вели Арманд Скулаку, аналитичар.

Дека на земјата и се потребни реформи се согласува и аналитичарот Арјан Васјари. Но, тој смета дека најдобро е да се започне со реформите во судството.

„Јасно кажано и општо прифатено реформата во судството, а особено „ветингот“ е услов за следниот чекор кон ЕУ. Значи, јас верувам дека аргументот на мнозинството е логичен аргумент и верувам, заземајќи страна во овој реален случај, и верувам во ова. Аргументот на опозицијата дека Албанија има проблем со законитоста и тоа е реален аргумент, бидејќи Албанија веќе неколку години се соочува со извонредно деликатен проблем, за кој мислам дека ќе влијае многу на нашиот социјален, јавен и политички живот, на краткорочен и среднорочен план, а тоа е проблемот со канабисот. Јас не верувам дека техничка влада има време, можност и инструменти за креирање прифатлив терен со цел на крајот опозицијата да каже дека сега веќе се создадени услови за слободни и фер избори“, вели Арјан Васјари.

Судирите меѓу политичарите се чини дека ги делат и граѓаните. Речиси и да немаше човек во Тирана што не застанаа да ни даде мислење за политичката криза.

Погрешно е. Ние сме гласале и ќе гласаме, нема ништо лошо, но според мене опозицијата прави грешка.

Според вас, што треба да направи опозицијата?

Според мене, треба да оди на избори за да ги добие гласовите.

Не, никако...

Добро ли е ова што го прави опозицијата?

Секако да, неопходно е бидејќи Албанија е во бездна.

Имаат право на протест, но не се постигнува решение во шатор, туку само во парламент.

Ако опозицијата ги бојкотира изборите, дали вие како граѓанин ќе гласате?

Јас ќе гласам на датумот одреден од Собранието на Албанија.

Протестот треба да продолжи.

Граѓаните се дома. Тие што се дома мислат на шаторот.  Правото на слободен избор треба да се гарантира. Доста беше од Влади кои не се за граѓаните.

Ве молам, воопшто не сакам да се занимавам со оваа работа. Ако опозицијата ги бојкотира изборите, дали вие ќе гласате?

Никогаш. Никогаш не сум гласал за никого.

За следните денови најавено е дека во Албанија ќе пристигнат меѓународни олеснувачи кои ќе се обидат да го одврзат политичкиот јазол. Дотогаш ќе остане блокиран главниот булевар во центарот на Тирана, а ќе остане блокиран и патот на земјата кон Европската унија.