Зошто пакетот закони за социјална реформа е заглавен во Собранието? Царовска очекува брзо усвојување

пред 4 месеци | Дебати

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во интервју за „360 Степени“ на Алсат, зборуваше за реформата во социјалната сфера и главните разлики меѓу СДСМ и ДУИ како и дали пакетот закони ќе биде деблокиран во Собранието.

- Очекувам многу скоро да бидат усвоени законите, бидејќи граѓаните ги очекуваат. Мнозинството во парламентот во моментов дискутира по однос на одредени прашања и по однос на реформата и очекувам со национален консензус да бидат донесени - рече Царовска.

Таа кажа дека има несогласување во однос на додатокот за трето дете. ДУИ не се согласува со предлогот да се укине овој додаток и наместо тоа да се добива еднократна помош за прво, второ, трето дете.

- Демографска политика не се прави со пари во ниту една држава. Се меша дискусијата. Велиме, да, мерката за трето дете е важно да се трансформира како демографска политика преку еднократен износ и за прво, и за второ и за трето дете, но притоа социјалната помош или минималниот адекватен приход треба да се врзе со детските и образовните додатоци, затоа што нашиот индикатор за човечкиот капитал кажува дека ние сме на дното во регионот и ако не инвестираме во образование, и не се инвестира во децата, посебно оние коишто ни се во сиромашните семејства, затоа што не им го изедначуваме нивото на потенцијал и пристап до услугите и образованието, тогаш не сме направиле ништо како држава. И токму затоа, целата реформа значи две работи. Едно е, удираме во детската сиромаштија, да ја намалиме и да провоцираме поголема посета на образование кај децата, и втората компонента е активација на оние што се во системот на социјална заштита. Ова не е само социјална реформа, туку е општествена реформа, да бидат активни на пазарот на труд. Досега им даваме трошки на примателите на социјална помош и да бидат на пазар на сива економија а притоа да не ги следиме - рече Царовска.

Во однос на укинувањето на мерката за трето дете, Царовска рече дека мерката не е добро таргетирана и таа ја добиваат и лица со високи примања. Таа вели дека и по статистика има пад на наталитет за 10 години од 13,3% на 11,1%  и дека ова е во сите региони, и таму каде што има доминантно албанско население.

ДУИ бара промени и во законот за државната социјална пензија, каде според предлогот, треба да ја добиваат лица кои немаат направено 15 години работен стаж, но имаат најмалку 1 ден стаж. Од таму бараат мерката да ги опфаќа сите, и тие коишто немаат ниту еден ден работен стаж.