Царовска: Не е мое да кажам дали парите во ПИОМ биле злоупотребени, тоа ќе го покаже истрагата

пред 2 месеци | Дебати

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во интервју за „360 Степени“ на Алсат, зборуваше за неуплатените 19 милиони евра, пари на осигуреници, во вториот пензиски фонд и обвинувањата од ДУИ за неодговорно однесување и ширење фејк-њуз со обелоденувањето на скандалот.

- Многу е интересно што многу политичари заземаат став за работи коишто не се истражени. Јас не сметам дека како министерка во моментов треба да кажам каде биле финансиските средства, дали биле злоупотребени или не. Она што го кажувам е дека тоа што е пронајдено како недостаток во системот е надминато со новите законски решенија, обезбедени се финансиски средства за овие граѓани да бидат обесштетени и со придонес и со принос - рече Царовска.

Таа кажа дека другите информации треба да се очекуваат од истражните органи. Како што истакна Царовска, до овие податоци стигнале правејќи анализа за пензискиот систем и отстранување на неговите недостатоци.

- Ова е системски проблем којшто значи дека неодговорно се пристапило кон креирање и следење на политиките поврзани со пензискиот систем - рече Царовска.

Таа рече дека нејзина одговорност е да ги достави индициите до обвинителството.

- Оние коишто се одговорни да прибават докази, да ја следат состојбата, да испрашуваат и да ги анализираат процесите, каде и за чија цел отишле тие финансиски средства, дали некој ги зел или не, тоа не е надлежност на Министерството за труд и социјална политика. Мислам дека ние навистина одговорно и отчетно пристапивме, ги информиравме граѓаните јавно, сега и со писма ги информираме за трансферите и обесштетувањето - рече Царовска.