Репортажа: Како живеат децата без родители во новите мали групни домови

Автор: Зоран Јованоски | пред една недела | In depth

Ова е еден од четирите мали групни домови во кои сега се сместени децата од домот    „11-ти Октомври“ од Скопје. Во малиот групен дом што го посетивме живеат пет дечиња.

Овде се околу еден месец, а веќе наликуваат на вистинско семејство. Дел од дечињата беа на училиште, дел се подготвуваа пишувајќи ги домашните задачи. На најмалите омилена им е онаа по ликовно, а за да ја завршат им помага воспитувачот кој постојано е со нив.

При формирањето на групите се водело грижа за роднинските врски. Едно од девојчињата му е сестричка на момче кое е средношколец и е највозрасен во групата. И другите деца се роднински поврзани.  

„Стануваме сабајле, доручкуваме, одиме на училиште, се враќаме, може малку да одмориме, јас одам на тренинг, кога ќе се вратам ако можам нешто ќе поучам.“ – раскажува момчето како им поминува еден ден.

Во домот „11-ти Октомври“ го оставиле пред 13 години, кога бил многу малечок. „На почетокот беше многу тешко, нормално. Си живеел со мајка, потоа не ја гледаш и така. Ама, како што растеме, се повеќе и повеќе сваќаме како е.“  

Навикнати на тамошните услови и живот со десетици други, овие деца се сомневале дека е воопшто можно некогаш да ги однесат на поубаво место.

„Мене ми е најдобро овде, мислам дека ми е подобро отколку во домот. На почетокот не сакав да си заминам затоа што не знаев како е, но разговаравме со директорката и сега гледам дека ми го смени мислењето.“ – вели тој, додека неговиот воспитувач додава дека сега имаат дом во боја и не е сиво, мислејќи на атмосферата во домот „11-ти Октомври“.

Додека другите се преокупирани со цртежите, тој може на мира да поразговара со воспитувачот, што досега било реткост.  

„Мене ми е поубаво овде затоа што сме помалку деца и воспитувачите можат да ни посветат повеќе внимание. За што и да сакаме да разговараме, можеме на само или групно, како сакаме, да се договориме за што било.“

Воспитувачите се истите од Домот. Во секоја група има по четворица – по еден во смена од по 12 часа.

„Клучната разлика е дека децата се многу малку, група на деца, значи едно нормално, малку поголемо обично семејство, да не речам, со двајца родители, ние сме повеќе колеги и ми се чини дека можеме максимум да дадеме во однос на секое дете кога комуницираме и ги воспитуваме, всушност, во секојневното нивно живеење, дури не може и воспитување сега да се каже. Живееме секојневно, спонтано, растеме итн.“ – вели воспитувачот Васко Ѓорчевски.

За него ваквиот начин на живеење е клучен за децата да израснат во емотивно здрави личности кои во ништо нема да се разликуваат од останатите.  

„Повеќе можеме на секое дете да му посветиме внимание во совладувањето. Сите деца се со различни способности. Е тука доаѓа до израз она нормално, здраво-право живеење во едно нормално семејство. А ваму е инстуција, ние сакале-нејќеле мораме да се придржуваме кон саатницата, па сите деца да бидат на исто, од средношколци, од мало до големо, дури и дете што посетува градинка, се беше многу мачно и многу тешко за работа. Сега тука, секој може да даде многу повеќе како воспитувач, како вработен тука со децата, а и децата го чувтавуваат тоа, а не како што беше таму, во таа една институција од поголеми размери.“ – додава Ѓорчевски.

Во кујната е нивната тетка Фимка. „Денеска им подготвивме плескавици со сос и шпагети, како надополнување.“ – вели додека привршуваше со готвењето.

Фимка Велеска им подготвувала храна и во домот „11-ти Октомври“. Добро ги познава дечињата и се обидува да им ги готви омилените јадења.

„Па сега... Пребираат. Некое сака едно, некое друго, но некако им угодуваме, им правиме кое што сака, според можностите, ако ги имаме намирниците при рака, ако не, тоа што е тоа.“ – вели Велеска.

Ручекот е дел од денот што уште повеќе ги зближува. Но, тетка Фимка има слободни викенди. Тогаш дечињата сами подгреваат храна и ја спремаат трпезата. Тоа ги учи на самостојност и дисциплина.  

_______________________

До пред Нова година живееја во оваа установа. Домот за деца без родители „11-ти Окомври“ во Скопје сега е празен. Во него некогаш имаше до 180 деца.

„Сега е навистина чудно, бидејќи е огромна институција, а празна. Повеќе ги нема децата, го нема оној метеж, го нема оној џакор и онаа гужва која што беше тука претходно.“ – раскажува Соња Стамевска додека влегувавме во празниот ходник на објектот во кој таа работи дваесет години, а сега е в.д. директорка. За неа ова никогаш не било соодветно место за раст и развој на едно дете.

„Едноставно би рекла, оној војнички систем на групно живеење и сега вие во една група од 16 деца, не може, а да не настане хаос, да биде нешто функционално или компактно, кога имате различна воздраст, различни потреби, различни интереси, а вие сте ги ставиле на исто место да функционираат.“ – додава Стамевска.   

Сега играчките, мебелот и апаратите кои сѐ уште се функционални се преместени во малите групни домови.

„Нешто за што биле тука врзани, да можат да си го однесат во живеалиштето каде што ќе живеат, во куќите каде што ќе бидат сместени. И сѐ уште сме во таа фаза во која работи кои што им се останати, кои што биле нивни, си ги средуваат, си ги земаат.“ – вели Стамевска.

Министерката за труд и социјала Мила Царовска, како студентка, практичната настава ја извршувала во оваа установа. Потоа, и како претставник на невладиниот сектор на младите им одржувала обуки на различни теми.  

„Самите деца си имаат свој простор во тој простор никој друг не може да влезе освен тие три-четири деца. Додека овде вратите се отворени, колку и тие да ги заклучуваа секогаш имаа кражби. Многу емотивно изреагирав минатиот пат кога ги отворавме малите групно домови кога видов дека нив им се пријаде и велат „наставничке ние сега ќе јадеме“ и си извадија од фрижидерфот и си наместија додека тука се чека да отвори мензата, за сите да бидат послужени и сите да завршат со јадењето во даден период. Додека ваму фрижидерот си е полн, тие си поставуваат за јадење и си уживаат во дневното живеење како и сите деца.“ – вели Царовска.

Процесот на деинституционализација на детските домови е започнат пред 12 години, а дури сега привршува.

„Современите модели велат дека сите оние кои што имаат потреба од грижа од државата треба да бидат во локалните заедници, блиску до останатите, никако во изолација и никако во големи групи.“ – смета Царовска.  

Затоа и домот „11-ти Октомври“ ќе биде пренаменет.

„Сакаме да се воспостави центар за поддршка на згрижувачки семејства кои што згрижуваат дел од овие деца, а втората работа е дека имаме семејства кои се во ризик да ги остават своите деца. Сакаме да им дадеме поддршка и на тие семејства.“ – рече Царовска.

Момчето од малиот групен дом што го посетивме е свесно дека, сепак, сместувањето во оваа куќа е услуга што ја дава државата и дека еден ден ќе треба самостојно да го продолжи животот. Има свои соништа и затоа секојневно тренира фудбал.

„Сакам да учам факултет, добро би било. Тоа што ни го дава државата мислам дека е добро за нас и треба да го искористиме колку што можеме. Јас би сакал на „ДИФ“ за тренер или такво нешто. Заради спортот. Прво би сакал да станам професионален фудбалер, па ако не може да бидам тренер или нешто, професор по физичко.“     

Надлежните ветуваат дека домовите за деца без родители ќе останат минато. Децата се надеваат дека преселбата од домот навистина ќе остане патување во една насока.