Кој фрла отров низ Македонија од кој страдаат домашните миленици и преставува опасност и за децата?

Автор: Петар Клинчарски | пред 10 месеци | In depth

„Бак ми дојде на 4 јули, требаше сега на 4 мај. Според проценките на ветеринарот кога го однесовме дека ќе имал 3 години. .... Секогаш кога ќе јадеме, во дневна со нас.. застанал.. прво ние јадеме после тој.. иако цело време има грицки да јаде... грицките на крај, застанува со ушите горе, ушите му мрдаат, но со очите и главата на мрдаат“, раскажува Васко Здравески, жител на Ново Лисиче

Лаежот во дворот на семејството Здравески во Ново Лисиче  повеќе не се слуша. Прагот на куќата остана без својот чувар. Ова е Бак. За една недела ќе наполнеше 3 години, но не успеа да го преживее смртоносниот бел прав расфрлан во тревникот во близина на куќата. Сопствениците трагале по Бак во раните утрински часови, но безуспешно. Се додека не провериле на страницата на Анима мунди, каде виделе куче кое многу наликува на нивното.     

„Фати 6 и пол дојдовме дома и стапив контакт со Сандра која ми го опиша кучето со плаво каишче... Мојата реакција очекував дека ќе каже дека е со друго каивче за да се утешам дека скита негде, може да е некое друго.. саат пред да полагам не можев да учам се вратив дома, како што поминувам меѓу куќа очекував да ме пречека да дојде како секогаш коа ќе залае ама ништо од тоа“, вели Здравески

Водејќи се од потребата на јавноста да ја дознае вистината, новинарските екипи на „360 степени“ и Балканската новинарска истражувачка мрежа, како општествено одговорни медиуми, истражуваа - кој е отровот што ги труе кучињата и милениците ширум Македонија, а притоа може да усмрти и човек. Одговорот го даде мртвото тело на Бак.  

„Ме теши тоа што е како борец за другите, бидејќи ќе се докаже дали е тој отров што се збори и може ќе биде поттик за ова веќе да прекине“, вели Здравески.

.По обдукцијата во Ветеринарниот институт во Скопје ни дадоа примероци од крв и делови од органи. Нив ги однесовме на токсиколошка анализа во Институтот за судска медицина. Директорот Александар Станков за две дена не информираше дека резултатите се готови. За нив плативме 8.500 денари се со цел – да ги потврдиме нашите сомнежи – дека отровната супстанца која ги убива кучињата е метомил, односно ланате.

„Утврдено е присуство на супстанца метомил. Метомилот е супстанца која е доста отровна, сме ја наоѓале кај самоубиства и труење случајни кај луѓе кај обдукции што ние сме ги правеле тука. Обично се користи како инсектицид карбоматен инсектицид кој делува кај нервен оток, оневозможува пренесување на нервниот импулси доаѓа до симптоматологија изразена во вид на грчеви во мускулатурата, огромно лачење на плунка, оток во белите дробови, зголемена секреција во бронхиите што се манифестира во пена во устата, на крај доаѓа до депресија на центарот за дишење и смрт“, вели Александар Станков – директор на Институт за судска медицина.

Ваквите токсиколошки анализи не можат да се направат за кратко време доколку конкретно не посочевте на која отровна супстанца се сомневате, објаснува Станков. Вели, ако вашата претпоставка беше погрешна, процедурата за откривање на отровот ќе траеше еден месец.

„Ова е убаво завршен случај со присутни снимки, од тоа како умираат кучињата и какви се симптоми имаат до завршена обдукција и токсиколошки наод. Школски пример на завршен случај од почеток до крај“, вели Станков.

Зеленилата низ Скопје изминатите две недели беа смртоносните ледини на кои се оставаше храна со отров во неа.

Тука во Аеродром и на уште неколку паркови оставивме сендвичи кои не се испрскани со отровна супстанца. Ќе застанеме сокриени да набљудуваме 15-20 минути да видиме, дали кучињата или пак луѓето ќе посегнат по храната, по масовните труења на кучиња со отров.

За само неколку минути камерата регистрира дека улично куче и мачка ја надушија храната и ја изедоа. Се разбира, овој пат имаа среќа, без метомил.

Што всушност е метомил? Колкави количини се доволни за да може да усмрти животно или човек? Овие одговори ги побаравме во Факултетот за земјоделски науки. Професорот Слободан Банџо објаснува дека секој организам има различна чувствителност кон отровите. За глушец е доволно 10 милиграми 90-рпоцентен метомил, за куче 15 милиграми. Еден грам метомил е смртоносна доза за човек од 70 килограми. Банџо вели дека како инсектицид, метомилот има широк спектар на дејство, но поради можноста за злоупотреба од несовесни граѓани, исфрлен е од употреба пред неколку години. Но, што ако некој и некаде се уште го има?!

„Може да биде од постоечките количини кои биле присутни во Македонија кои веќе не можат да се користат бидејќи ако сте имател на растение и доколку ви дојде земјоделски инспектор  секој пат ви вели дајте да видам со што имате третирано културите и треба да имате формулар дека е третирано со тое средство и тие и тие ефекти. Ланатето не би смеело да се појавува тука, не би смеело да се употребува што не значи дека го нема во магацинот на тоа претпријатие бидејќи не знаеше што да направат со него. Тоа е проблем“, вели Слободан Бенџо – професор на Земјоделски факултет.

Кој се осмелува да фрла отров низ Македонија? Иако според Кривичниот закон, расфрлањето отровни супстанци што го загрозуваат животот на луѓето и кучињата е предвидена затворска казна до 6 месеци, досега нема судски епилог.

Се упативме да побараме метомил во неколку земјоделски аптеки, но вработените таму ни рекоа дека е забранет.

Метамилот или ланатето со 90-процетна концентрација од 2015-та година се забранети и не се наоѓаат на Националната листа на одобрени производи.

Сепак, препарати што ги содржат овие активните супстанци во 25-процентна концентрација можат да се употребуваат, но со претходно одобрение од Фитосанитарната управа, објаснува првиот човек на Инспекторатот за земјоделие Цветан Трипуновски. Во Македонија 5 компании поседуваат дозвола за пласирање вакви препарати. Тие имаат обврска до 31 март секоја година да пријават залихи од претходните години. Потоа тој процес се следи -  дали можеби препаратите се злоупотребуваат и се пуштаат илегално на пазарот.

„Секоја земјоделска аптека има обврска да води евиденција за продажба односно влез на препарати за заштита на растенија и враќањето на таа амбалажа треба да биде повторно вратена на местото каде е купена. Во контролите кои ги правиме особено посветуваме внимание дали се води евиденција. Значи секој земјоделец кога ќе купи апарат или кој производ е продаден и во посебна евиденција се водат тие апарати Т+ отрови и дали таа коренспондира со влезот во материјална картица на препаратите кои се ставени во продажба. Тие два сегменти мора да бидат услогласени за да бидеме сигурни дека навистина немало злоупотреба од тоа надвор што е дозволено во Македонија“, вели Цветин Трипуновски – директор на Инспекторат за земјоделие.

Но, директорот на Фитосанитарната управа, Ментор Зеќири, вели дека законската обврска за водење детална евиденција која аптека кому што продава, во пракса не се почитува.

„Ние имаме еден Правилник за евиденција на препарати што се продаваат во аптеки, но уште не профункционирал. Но, во сегашниот закон од страна на законодавство ни кажаа дека имаме судир со Закон за заштита на лични податоци, бидејќи за да оди земјоделец да купи препарат, треба да дава лична карта, да се регистрира по име и презиме, населба или село каде живее, затоа уште не е ставен во практиката новиот Правилник. Со новиот закон ќе бидат обврзани секој аптекар да направи евиденција на секој производ што ќе го продава во неговата аптека. Оваа евиденција функционира кај правните субјекти“, вели Ментор Зеќири – директор на Фитосанитарна управа.

Во овој лавиринт на законски недоречености и институционална некоординираност, впечаток е дека некој добро се снаоѓа. Истовременото труење кучиња во Скопје, Охрид, Велес го подгрева сомнежот за организирана операција.