Ристова: Врховниот суд изврши упад во правниот систем со одлуката за СЈО

пред 2 недели | Дебати

Д-р Милка Ристова, поранешен судија на Врховниот суд, во дебата во емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат зборуваше за скандалозното „начелно правно мислење“ утврдено од Врховниот суд, со кое се што СЈО преземало и презема по 30 јуни 2017 г. е прогласено за незаконско.

- Во конкретниот случај станува збор за упад во правниот систем. Одредбата која била предмет на опсервација на судиите од Врховниот суд е членот 22 од Законот за СЈО и таа одредба во законот е систематизирана во делот 4 од законот со наслов „Краен рок за покренување на обвинение“. Тој дел содржи само една одредба. Тоа е членот 22 во којшто е уреден рок од 18 месеци во кој може СЈО да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка. Тоа се тие две дејствија за кои е утврден тој рок. Рокот не е спорен дека е 18 месеци. Но, секогаш судските рокови се засметуваат на тој начин што се тргнува од одреден ден, а тој ден во секој конкретен предмет може да биде различен. Во конкретниот случај Врховниот суд треба да утврди дали поминале 18 месеци од преземањето на предметите и материјалите од надлежност на СЈО. Во содржината на мислењето на Врховниот суд е содржано дека тој краен рок е од преземањето на материјалите од неовластеното прислушкување. Излегувањето од надлежностите е бидејќи секој судски рок во секој конкретен предмет конкретно се утврдува. Законот така како што е конципиран, не предвидува рокот да се утврди како што тие го утврдиле, до 30 јуни 2017 година. Тоа значи дека треба да цени кога, од преземањето на предметите и материјалите. Секогаш треба да се држите до тоа што пропишува законот, не можете да излезете од него - рече Ристова.