Војната никогаш не е опција

Автор: Славица Филиповска | пред 10 месеци | In depth

Тетовски Колтук. На истите сокаци, 16 години подоцна. Младите итаат по егзистенција, а во нaселбата единствената врева е од пензионерите што ги чуваат внучињата.

Во локалното „збирно место“ главна тема е секојдневието. А тоа за мештаните е исто со децении. Иако се под Шара која изобилува со изворска вода, се случува населбата со денови да нема ниту капка.

„Најпотребно е вода кога немаме тоа,  проблем е овде со водата, пак да речам годинава добро е.“, вли жител на населбата.

Во 2001-та Колтук се најде во вкрстен оган. Населението одненадеж се разбуди со звуци на истрели. На дел од куќите и натаму видливи се трагите од конфликтот.

Славе Јанковиќ вели, тоа се спомени за едно време од кое локалното население извлекло животна лекција.

„Да ни биде тоа школо, тоа што се случило никогаш да не се повтори.Лошо беше овде, имаше пункт кај црквата, имаше доле на раскрсница, доле имаше пункт, беше многу лошо. Одозгора се пукаше,одоздола нашиве пукаа нагоре. Не беше мирно, ние моравме да идеме на работа. Таман ќе станеш да одиш на работа , ќе почнат да пукаат, гранати паѓаа во населено место. Повредени беа двајца.“, ни раскажа тој.

Славе Јанковиќ за еден месец оди во пензија. Сопругата му починала, постарата ќерка се омажила, а тој целото внимание  и го посветува на помалата ќерка Славица. Годините се нижат, но трагите од тензичните денови за неговото семејство вели никогаш нема да се избришат.

„Не гледам веќе ни воeни филмови, затоа што ми евоцира од тие некои спомени, ми создава немир во душава. Кога ќе слушнам пукање па и петарда дури, бидејќи секое сабајле кога ќе се разбудeв, баш тогаш се слушаше тоа пукање и ми создаваше немир во душата, и сите луѓе беа немирни и на нервна база се разболуваа.“, вели Јанковиќ.

И Борка Ѓорѓевска ја мачи секоj спомен на истата година.

„Страшно, страшно беше, сите сме плачеле, младо и старо. Јас и сега, ова што се случува, потресена сум... Големите прават,а ние само патиме. А зошто, за утре-задутре само две земји да земам, ќе ме закопаат во два метри земја, кога ќе умрам, што ќе земам – ништо, а тоа сака да живи, да јаде, да пие, да се движи слободно.“, раскажуваше Ѓорѓевска.

Полошкиот регион живееше тензичено речиси цела година. Но, црната стануваше боја на се` повеќе семејства низ цела Македонија. Животот го загубија неколку десетици цивили, 15 полицајци, армијата изгуби 43 војници, а илјадници семејства се раселија по други градови, но и надвор од државата. Некои, засекогаш.

За време на конфликтната 2001 во Македонија исчезнаа 19 лица. Дванаесет од нив Македонци, шестмина Албанци и еден бугарски државјанин. Од 19-те исчезнати идентификувани се 8 лица. По другите се уште се трага.

Шеснаесет години подоцна, семејствата на киднапираните се во молк. Дел од нив во последен момент се откажаа да зборуваат пред камера. Велат дека уште ги чуваат работите на своите најблиски.

Секојдневнието и во скопско Љуботен е како во речиси секое македонско село. Пролетните сеидби се започнати. Нивата се остава само за време на молитвата. И во Љуботен, како и во Колтук, населението има ист проблем -водата.

„Финансирање нема во Љуботен, нема. Луѓето се без вода, еве со пластики носат вода. Една држава не може да направи една брана, нека чини и половина милион“, вели Џезми Р    еџепи, жител на скопско Љуботен.

„Ние чекаме да се одреди Влада да земат некој чекор напред да почнеме да работиме нешто, да живееме, оти вака не се живее, секој ден сиромаштија...“, вели Јакуп Реџепи од истото село.

Скопско Љуботен остана во сеќавањата по акцијата во 2001-ва, во која настрада и локалното население.

Ремзи Мурати, во 2001 го изгуби својот татко.

„Сите бевме тука и браќата, многу лошо, куршуми нон стоп, прашина нагоре, не смееше да помогнеш, не можевме да излеземе од куќата, само пукаа и затоа не можевме да го однесеме ниту на лекар и нашиот татко почина на наши раце.“, ни раскажа Мурати.

На местото каде што загинал Далип Мурати денеска трчаат неговите внуци. Животот, каков-таков, продолжил. Од нула да се изгради она што за повеќето жители на ова село значи опстанок.

„Работиме по ниви, бостан и тутун, тоа. Цел живот работиш и не можеш многу работи да постигнеш, додека за лошото може да се појави за секунда. Се трудиме сите за подобро лошото се прави веднаш, за еден час, секој потоа ќе се покае, но тогаш е доцна.“

Случајот Љуботен се најде во Меѓународниот суд за поранешна Југославија во Хаг. За овој настан, Јохан Тарчуловски беше прогласен за виновен и осуден. 12-годишната затворска казна му беше намалена на осум години.

Додека Тарчуловски ја одлежуваше казната, во македонското Собрание се дебатираше за амнестијата,  за одговорноста на ОНА во 2001 година, случаи кои Хашкото обвинителство и ги врати на Македонија. Тогашното парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ изгласа амнестија и за последните 4 предмети од 2001-та. Во тоа, од затвор во Германија со писмо ги храбреше Тарчуловски.

„Премиере Груевски, покажи доблест да се затвори ова последно поглавје од 2001 година. Разговарајте за тие Хашки случаи, проверете ги законите, и ако има можност, решете го тоа прашање еднаш засекогаш, запрете ги и оставете ги во историјата, завршете ги сите трауми од минатата деценија... Патриотски пред десет години беше да се одбрани Македонија. Денес е патриотски да се овозможи Македонија да оди напред, ослободена од бремето на минатото… Така размислува патриот .“ , напиша Тарчуловски.

Петнаесет години подоцна Тарчуловски седна во собраниската клупа како дел од ВМРО-ДПМНЕ. Го прашавме дали уште размислува како во писмото за амнестијата, но тој процени дека во денешната политичка ситуација најдобро е ништо да не коментира.

Молкот не беше избор за Абедин Зимбери, кој директно учествуваше во конфликтната 2001-ва , од спротивната страна. Војната ја плати со загуба на 10 члена од своето семејство.

Зимбери и натаму живее во кумановско Слупчане. Оружјето за него одамна не е опција.

„Апелирам до македонската страна, особено семејства на Македонците, тргнете го од ум конфликтот, бидејќи Албанците не се заинтересирани за конфликт, за поделба во Македонија, туку се заинтересирани за соживот , за живот каде би живееле заедно и да бидат рамноправни во развивање на држава – ништо повеќе. Апелирам да бидат што повнимателни, да избегнуваат конфликти и да почнеме да ги казнуваме сите политичари кои ни ги донесуваат ваквите ситуации, биле тие од албанска или македонска страна, само на овој начин овие два народа ќе можат да живеат обединети, во заедничка држава, развиена држава.“, вели Зимбери.

Малубројните жители на Слупчане велат дека наместо иднина добиле гробишта и музеј кои сведочат за цената на еден воен конфликт.

Поранешниот генерал–мајор на полицијата Стојанче Ангелов, тежината на 2001-ва ја почувствува директно на себе.

„Јас во 2001 година имав повеќе тешки ситуации, десетина пати избегнав смрт, неколку пати останав жив во ситуација каде што не може научно да се објасни како останав жив... бев тешко ранет во градниот кош и загубив третина од мојот десен бел дроб, ми беа искршени ребрата и полн сум со шрапнели, бев погоден со куршум со голем калибар и последиците на оваа повреда ги чувствувам и денес.“, ни раскажа Ангелов.

И Ангелов како и Зимбери порачува главите на сите да ни останат ладни.

„Војна на Македонија не и треба, војната носи убивање, разрушување и долгорочни штети за РМ, не сакам никогаш повеќе да имаме нова војна, во овој момент проблемите кои што се случуваат во Македонија се далеку од причина за нова војна.“, вели Ангелов.

2001-та е календарски далеку зад нас. Во ладовината на сенките во Паркот на жената во Скопје, пред споменикот на бранителите, ја направивме оваа анкета.

Се сеќавате ли на некое име на жртвите од 2001-та година?

„2001ва година...да ви кажам не... по кој повод се заборави, така на брзина, не се потенцираше тоа , и не само јас и многу други не ги памтат.“

„Не,не се сеќавам.“

„Не, не, не.“

„Абе има, ама не можам да се сетам сега баш, инаку што слушавме тогаш страшно беше.“

„Не, јас не се сеќавам ништо и да ти кажам политика не ме интересира.“

„За повеќето граѓани тоа се само имиња напишани на мермер, за мене тоа не се обични имиња, тоа се мои другари, некои од нив умреа покрај мене, некои беа тешко ранети покрај мене, јас кога гледам на нивните имиња многу поинаку се чувствувам од другите луѓе кои не учествувале во војната, затоа не сакам никогаш повеќе да видам споменик на кој што ќе стојат имиња на млади луѓе кои загинале непотребно. Нивната смрт не беше залудна, но денес имаме една сосема нова ситуација кога ние немаме никаква реална опасност и онаа опасност која се појавува врз Македонија е политичка и таа може да се реши со политички средства.“, смета Ангелов.