Која е вистината за Попова Шапка

Автор: Зоран Јованоски | пред 3 месеци | In depth

Уште на пристигнување ски-центарот Попова Шапка ќе се обиде да ве одврати од намерата да скијате. Денот наменет за опуштање на планина може да се претвори во долго пешачење до саканата дестинација.

На која оддалеченост од ски-центарот во е колата?

„Па, на километар од прилика.“ – одговори еден турист.

Ако кон Шапка не сте тргнале малку порано, ќе мора да паркирате покрај патот, далеку од дестинацијата.

Како се снајдовте за паркинг?

„Па, имаше полиција и само не пренасочи да се паркираме таму.“ – вели еден скијач.  

За викендите се создава колона од паркирани возила долга со километри.

Пристап до ски-центарот?

„Пешки едно 500 метри. Со ски опрема, со сѐ, еве вака, како што гледаде.“ – рече скијач кој пешачеше со целосна ски-опрема.

„Паркингот е проблем. Далеку е. Треба да се пешачи. Но, кога имаш волја ќе пешачиш.“ – рече друг скијач.

Сепак, илјадници туристи секој викенд ја поминуваат првичната пречка за да стигнат до втората: дотраените ски-лифтови и жичници, кои се стара болка за скијачите.

„Оваа сезона на Попова Шапка нема добри услови затоа што често се случува ски-лифтовите да не функционираат. Особено во текот на викендите кога бројот на туристи е поголем, има големи проблеми со ски-лифотвите, не знам каде е проблемот. Нема елементарни услови за скијање овде на Попова Шапка.“ – изјави еден од скијачите додека чекаше на ред за да се качи на жичницата кон познатата патека Церипашина која е најпривлечна за скијачите. Но, се жалат дека жичницата што води кон врвот често не работи, иако дента кога снимавме се беше во ред.

„На пример, ски-лифтовите да работат сите. Церипашина да работи, „Тетекс“ да работи, двоседот, на пример, минатата година не работеше, оваа година работи. Ски-лифтовите ако работат нема да има гужва, ако не работат се прави гужва.“ – раскажува друг скијач.

Операторот на жичницата кон Церипашина, Живко Спасовски, тврди дека барем оваа сезона немало дефекти. Застои во работењето имало само при лошо време – густа магла или ветер над 15 метри во секунда што е 55 километри на час.

„Поради силен ветер на крајната станица ние мораме да ја исклучиме жичницата. Прво се празни жичницата на половина и на крајна станица, а потоа се гледа ветромер, како што видовте и претходно, на таа брзина мора да се исклучи.“ – вели Спасовски.  

Попова Шапка има околу 13 километри патеки за скијање и преубава природа, но за жал, изминативе неколку децении тоа се малкуте работи со кои ски-центарот може да се пофали. Сепак скијањето овде создава фантастично чувство, па ви останува, барем додека скијате, како турист да заборавите на останатите проблеми.

Група скијачи од различни европски земји чекаа да им пристигне приватниот ратрак. Со него се искачуваат на повисоките планински падини. Тие се вљубеници во екстремни спортови, па скијаат надовор од патеките.

„Првиот ден ски-лифтовите не работеа, но ние користиме ратрак па за нас не е проблем, но кога ќе видите толкав број луѓе, мислам дека треба да има повеќе ски-лифтови за луѓето да можат да уживаат во снегот, планината и природата.“ – вели Јероен Меистерс – скијач од Холандија.  

Сметаат дека е потребен развој на патиштата, паркинзите и сместувачките капацитети, но задоволни се од природата, гостопримливоста и храната. Се разочарале кога виделе дека дотраената ски-опрема и останатото ѓубре завршуваат во долот покрај патеките.  

„Сметам дека е штета што луѓето фрлаат ѓубре, хартија и пластични шишиња на самата патека, фрлаат и од ски-лифтовите, тоа е срамота. Ако имаше корпи за отпадоци и ако ѓубрето се фрла во нив, нема да завршува на патеките како сега. Тоа е навистина срамота.“ – додава Меистерс.

Со ски-центарот Попова Шапка стопанисува „Елем турс“ – фирма ќерка на државната компанија ЕЛЕМ. Директорот Џемаил Јусуфи признава дека ски-лифтовите често се расипуваат.

„Се работи за стара инфраструктура, за стари жичници, за стари ски-лифтови кои што често имаат дефекти, но нашите вработени прават крајни напори да ги отстранат. Сакам да наведам дека за голем дел често не се наоѓаат ниту делови.“ – изјави Јусуфи.

Недостигот од паркинг места не бил во нивна надлежност, но се обидуваат секој можен простор да се искористи за паркирање. Можеби затоа по сокаците има хаотично оставени автомобили.

Годинава во функција се електронските ски-карти со кои барем се намалува метежот пред жичниците и ски-лифтовите чија работа се следи со видео надзор.

„Електронскиот систем е прифатен многу позитивно од поголемиот број посетители. Камерите ни помагаат од сигурносен аспект, евентуално ако се случи некоја повреда или оштетување на техниката за да се преземат соодветни мерки.“ – рече Јусуфи додека ни го покажуваше системот за надзор на ски-лифотвите.

Имаат и неколку ратраци кои служат за тапкање на снегот и подготовка на патеките. Ги користат и за туристички обиколки. Јусуфи најавува дека наскоро ќе проработи и шестоседот кој се гради со години. „Значи чекаме крајна фаза, поставување на сајлите, кабините и пуштање во пробна работа.“

Вакви најави имаше и неговиот претходник, но досега – ништо.   

Хотелиерите бараат повеќе инвестиции на Попова Шапка зашто, велат, тие го трпат срамот кога туристите се жалат на лошите услови.

Хашим Асани, кој е менаџер на хотел, вели дека ски-центарот треба да се приватизира. Смета дека може да се оди и на јавно-приватно партнерство и дека не мора да се чека на странски инвеститори зашто имало и домашни.

„Прво што треба да се направи на Попова Шапка е од ЕЛЕМ да се повлече туристичкиот дел, значи туризмот да не се менаџира од страна на ЕЛЕМ, бидејќи со години нананзад се покажа како неуспешно и е нелогично постојано да се бара од ЕЛЕМ да го развива туризмот, кога се знае дека секогаш се во минус. Никогаш не реализираа профит или пак да го развиваат туризмот.“ – смета Асани.  

„ЕЛЕМ Турс“ уште од формирањето во 2012 година работи со загуба. Во 2017-та имале приходи од еден милион и 400 илјади евра, а расходи двојно повеќе – 3 милиони и 150 илјади евра.

Менан Мемеди е поранешен директор на овој ски-центар, а сегашен активист во граѓанската организација „Да ја спасиме Попова Шапка“. Тие уште на почетокот на сезоната побараа државните институции да го спречат, како што велат, уништувањето на Попова Шапка. Го блокираа и патот кон Центарот и побараа лично премирот Зоран Заев да дојде и да се увери дека Шапка пропаѓа.

„Владата да се заинтересира и конечно да се реши овој проблем за Попова Шапка да живне и да стане, ако не светски, слободно може да кажеме дека може да биде европски центар, затоа што конфигурацијата на местото каде што е Попова Шапка е извонредна. Ако некој центар може со 100 милиони или со 200 милиони да се изгради и да биде врвен, Попова Шапка со 100 милиони може да се направи да биде навистина многу добар ски-центар и за спортскиот и за туристичкиот дел.“ – смета Мемеди.

Директорот Јусуфи немаше конкретен одговор зошто државата не инвестира на Попова Шапка.

„ЕЛЕМ како основач на „ЕЛЕМ Турс“ има оформено работна група која што има за задача да направи анализа на фактичката состојба, на реалната состојба и таа анализа да ја достави до Владата која што понатаму се надеваме дека ќе превземе понатамошни чекори се со цел да се искористи огромниот потенцијал што го има оваа убава планина.“ – вели Јусуфи.

На заминување клучното прашање е каде сте го оставиле автомобилот.

„Мислам дека треба да се најде некое решение. Сепак е еден од најголемите скијачки центри во Македонија. Со скијачка опрема тешко е да се стигне до возилото.“

„Да ја пуштат жичарницата што оди од долу, да не се паркираат тука луѓето и тоа е тоа, долу да се направи поголем паркинг за долу да си ги оставаат колите, па со жичарница од Тетово.“

„Подземна гаража ваму кај хотел Попова Шапка. Кај што има како дол, една подземна гаража...“ – предлагаат скијачите со кои поразговаравме.

На враќање, кон Тетово, уште долго среќававме возила паркирани покрај патот...