Судство на далечински управувач

Автор: Александар Димитриевски | пред 12 месеци | In depth

10 дена. Толку време помина од општата седница на која врховните судии требаше, но не одлучија - дали разговорите од нелегалното прислушување ќе можат да бидат доказ пред суд.

Минатонеделниот обид не успеа, наводно поради болест на дел од судиите. Кога и дали ќе има нов, не кажува ниту Претседателот на Врховниот суд.

„Ви кажав веќе тоа е друга тема за којашто јавноста ќе биде известена навремено.“- одговори претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски на новинарските прашања

Но, зошто Врховниот суд воопшто одлучи да расправа за тоа дали бомбите можат да бидат доказ е прашање кое ги изненади и дел од судиите. Одговорот е во првиот параграф на рефератот кој го изработил новоизбраниот претседател Јово Вангеловски. Причината била што од СЈО побараа тој да биде изземен од одлучување од еден предмет, бидејќи и Вангеловски го има во „бомбите“.

Вангеловски, во својот реферат насловен „дали доказите кои се прибавени на незаконит начин можат да бидат употребени во судска постапка“, сугерира исклучување на прислушуваните разговори како доказ од судските постапки. Како аргумент, користи две претходни пресуди во кои Врховниот суд наложил да се отстранат докази бидејќи биле незаконски.

360 степени ги најде тие пресуди од кои едната е против поранешниот градоначалник на општината Аеродром Кирил Тодоровски. Но, во тие пресуди прислушуваните разговори или другите посебни истражни мерки биле одбиени како доказ поради други причини. Проблемот бил што осудените првично биле под истрага за потешки кривични дела, но на крај биле осудени за кривични дела за кои не е дозволено тајно следење или прислушување. Со тоа и доказите обезбедени од посебните истражни мерки станале незаконски.

Рефератот, потоа се навраќа на прислушуваните разговори:

„аудио записите се прибавени на незаконит начин и затоа можат да се користат само како индиции“- пишува на втората страница.

За на крај да се заклучи:

„Судовите се должни да водат сметка за законитоста на доказите врз кои ги засноваат своите одлуки, а доказите прибавени на незаконит начин треба да бидат издвоени од списите на предметот и врз нив не може да се заснова судската одлука.“

Ако мнозинството врховни судии го поддржат овој став на Вангеловски, тоа ќе биде директна сугестија за сите судии да ги одбиваат прислушуваните разговори кои ги има СЈО како доказ во сите предмети.

Дали ваквиот пристап е во духот на правдата? За ова деновиве се изјаснија повеќе авторитети со директно искуство од Судот за човекови права во Стразбур. Доскорешната судијка од Македонија во европскиот суд, Мирјана Лазарова Трајковска, за неделникот „Фокус“ вели:

„Таква лесно конципирана одлука во услови на масовно кршење на најмалку на правото на приватност на илјадници граѓани, мислам дека Врховниот суд не би можел да си дозволи. Незаконското снимање и другите форми на следење на телефонската комуникација претставува сериозно вмешување во приватниот живот... При тоа не смее да ги запостави веќе донесените одлуки и пресуди и во граѓанските и во кривичните постапки во кои македонската судска пракса покажува дека ваков тип докази биле прифатени и релевантни во тие постапки.“- вели Мирјана Лазарова Трајковска за последниот број на „Фокус“.

Дали е дозволено целосно да се отфрлат прислушувањата како доказ, од позиција на поранешен судија во Стразбур, ја прашавме и Маргарита Цаца Николовска.

„Одговорот е многу краток. Не.“- одговара кусо Николовска

Но, за да се применат како доказ треба да бидат исполнети неколку предуслови.

„За тие да бидат применети треба одредени други права да бидат овозможени на спротивната странка, а тоа е да има фер постапка која претпоставува да има можност да се конфронтира со тие докази. Претпоставува право да презентира други аргументи. Претпоставува право на одбрана да има и претпоставува право да не биде одлуката донесена исклучиво само на едни докази коишто ќе бидат презентирани од страна на обвинителството. Друга работа е кои интереси во таквата ситуација би требало да се штитат. Ако е јавниот интерес којшто во голем број случаи надвагнува над приватниот интерес, тогаш секако дека пред Европскиот суд за човековите права има многу предмети коишто тој јавен интерес го третирале и прикажале дека тој е потежок да речам на вагата од приватниот интерес.“- вели Маргарита Цаца Николовска за „360 Степени“.

Според Николовска, но и според други познавачи на праксата на Стразбур, единствените докази кои европскиот суд за човекови права целосно ги отфрла се оние обезбедени со тортура. Во речиси сите други случаи, постојат исклучоци кога и незаконски прибавен доказ може да биде користен во кривична постапка, ако е тоа од повисок интерес. А, праксата на Стразбур мора да ја почитува и следи секој судија во Македонија. Случајно или не, таа пракса не се споменува ниту на едно место во обидот да се исклучат бомбите како доказ, потпишан од Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.