Дескоска: Нема споредба со 1998, Иванов стави едно вето, но нема можност за апсолутно вето

пред еден месец | Дебати

Министерката за правда, Рената Дескоска во интервју за емисијата „360 Степени“ на Алсат зборуваше за Законот за јазици и дали Уставниот суд може да го прогласи за неуставно објавувањето на законот без потпис на претседателот на државата, имајќи ја во предвид одлуката на Уставниот суд од 1998 кога указот за прогласување на тогашниот Закон за употреба на знамињата е потпишан само од тогашниот претседател на Собранието, па Уставниот суд неколку месеци подоцна го укина и законот и указот. 

- Овие два случаи се сосема различни. Разликата е во тоа што во случајот со употребата на знамињата, претседателот Киро Глигоров не доби можност да се произнесе воопшто за законот. Тој во тоа време беше на службен пат надвор од Македонија, па претседателот на Собранието си толкуваше дека, ако претседателот на државата не е во Македонија, тогаш тој го заменува. И ние имавме парадокаслна ситуација во Собрание, кога претседателот на Собрание вели - јас на оваа седница нема да гласам бидејќи го заменувам претседателот на државата бидејќи тој е во странство. Не е целта вие да имате два претседатели, еден во државата и еден во странство, па сега кога овој е во странство таму ве претставува, а овој другиот дома. Таквото толкување го искористи тогашниот претседател на Собрание и кога претседателот на државата беше во странство си ги потпиша законите од двете страни, и како претседател на Собрание и како претседател на држава. Значи тоа апсолутно не е интенција. Претседателот може да е во странство, па кога ќе се врати ќе се произнесе - рече Дескоска.

Таа вели дека не треба да се вади паралела во случајот со Иванов.

- Иванов имаше ставено вето коешто беше отфрелено од Собранието. Согласно Уставот, претседателот не е Луј 14-ти, повеќе е сличен на кралицата Елизабета. Значи денеска дури ни претседателите на држави со претседателски систем или со многу посилна уставна позиција немаат апсолутно вето. Значи никој не е семоќен во оваа држава да може да рече мене не ми се допаѓа ова и нема да оди понатаму - рече Дескоска.

Таа ја цитираше одредбата од Уставот според која ако законот е втор пат изгласан во Собранието, после првото вето претседателот нема право на второ вето, туку мора да го потпише законот.

- Одлуката од 1998 не е применлива. Јас не сакам апсолутно да вршам никакво влијание. Сум рекла дека додека седам на оваа функција не сакам да насочувам било кој орган, дали во судството или Уставниот суд како да одлучуваат, но факт е дека паралела меѓу овие две одлуки не може да се прави. Ситуацијата е сосема различна - рече Дескоска.