Дескоска: Законот за јазици ќе биде пратен во Венецијанска комисија, па ќе ги вградиме забелешките

пред еден месец | Дебати

Министерката за правда, Рената Дескоска во интервју за емисијата „360 Степени“ на Алсат рече дека Законот за јазици ќе биде испратен до Венецијанската комисија следната недела со потпис на премиерот Зоран Заев, како што претходно беше ветено од владата.

Таа запраша зошто законот не бил веќе пратен до комисијата од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

Дескоска ги отфрли тврдењата дека на мислење до Венецијанската комисија се испраќаат само закони во нацрт-форма пред усвојувањето, велејќи дека можат да се пратат и во фаза на донесување и откако некој закон е донесен, за што како пример го наведе Законот за судови за кој има забелешки од комисијата по неговото носење.

Дескоска зборуваше и за потребата од согласност на ниво на коалиција СДСМ-ДУИ дека се што ќе дојде како забелешка ќе биде вградено во законот како измени и дополнувања.

- Апсолутно, согласнот постои и тоа е целта. Зошто ние би ги праќале на Венецијанска комисија ако немате волја после тоа да имплементирате забелешки. И самиот договор значи дека тоа што е донесено во законот, ако биде потврдено од Венецијанската комисија, во ред, ако не биде ќе се менува согласно нивните насоки - рече Дескоска. 

Таа ја коментираше и информацијата дека во една фаза личен претставник на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за законот била младата нотарка од Скопје, Мајљинда Ајдари и дека во некои тесни кругови законот се нарекува уште и „Мајљинда law“.

- Јас не знам кој го пишувал законот, еве најискрено кажувам. Знам дека уште во процесот на формирање на владата, јавно познато дека како предлог на ДУИ дојде една верзија на законот којашто потоа беше преговарана и одредени одредби беа изменети, но дури слушнавме и шпекулации дека тој предлог со којшто тие дојдоа бил работен во круговите на ВМРО-ДПМНЕ како понуда за коалицирање. Така што, не сакам да шпекулирам, тоа се се шпекулации коишто ги слушам, немам сигурен одговор кој го пишувал законот и како, знам дека од таа почетна основа со којашто тие дојдоа, потоа тој текст се моделираше и на крајот помина и низ секретаријат за законодавство, низ владина процедура и беше донесен - рече Дескоска.