Гешоска: За опскурни општества како што е нашето, подобар е концептот на организирана анархија

пред 3 месеци | Дебати

Во „360 Степени“ на Алсат тема беше потрагата по поинакви модели за управување со заедничкото добро - од природно до инфраструктурно, со самоорганизирање на граѓаните.

Искра Гешоска од асоцијацијата „Контрапункт“ во дебатата зборуваше за тоа дека за опскурни општества како што е македонското, каде што законите секојдневно се менуваат и прилагодуваат, подобар е концептот на организирана анархија.

- Тоа не е ништо негативно и ништо страшно, иако може некој лисици некој да ми стави за тоа, а за нешто друго, не знам, не... ама за тоа да. Приклонувам кон тие концепти затоа што тие во ваквите опскурни општества каде што имаме една ентропичност на политичките системи, таквите не враќаат кон концептите на самоорганизирање, нешто што сме го живееле одамна, во социјализмот. Тогаш го викавме самоуправување, сега ќе го наречеме самоорганизирање или не знам како - рече Гешоска.

На забелешката дека тоа самоуправување пропадна, Гешоска вината ја пронаоѓа кај политичките системи кои, како што вели, се обидоа да озаконат некои работи во полза на врвот и елитите.

- Доколку се вратиме на она што го споменав а коешто постои во алтернативните правни концепти, а тоа е кодот на заедницата, којашто ќе детектира што и е потребно и во согласност со таа потреба ќе гради модели, системи во коишто заедницата нема само во предизборна кампања да биде спомената како нешто што треа да учествува, туку таа реално ќе проникне во општествениот систем - рече Гешоска.