Документи за депонијата со линдан на Пеленица сепак има, кој ќе одговара зошто ништо не е направено

Автор: Славица Филиповска | пред 4 месеци | In depth

Власта помпезно најавува дека ќе истражува дали постои депонија со линдан над скопско Драчево, по информација добиена во август годинава. Но, сведоштва на поранешни вработени во „Охис“ и документи кои уште во март ги објави „360 Степени“ многу порано сигнализираа дека таму на диво се складирале остатоци од канцерогениот линдан.

„Официјална информација нема стигнато. Јас навистина честитам на истражувачките новинари коишто успеваат да дојдат до вакви информации.“, вели Ана Петровска – државен секретар во министерство за животна средина.

„-Сепак е јавно објавено.

Тоа е секако јавно објавено, меѓутоа ние имаме толку многу надлежности, што не можеме да следиме постојано се што се објавува јавно.“, додава таа.

За индиции за дива депонија со линдан надвор од „Охис“ долго време до министерството алармирал и граѓанскиот сектор.

„Кој е одговорен зошто оваа информација, која била јавна, ништо не е направено врз основа на тоа?“, прашува Татјана Чакулев од граѓанската иницијатива „Коалиција 02“.

Колку токсичен отпад и на колку локации остави некогашниот хемиски гигант „Охис“? И колку човечки животи биле загрозени и се уште се загрозени од неодговорниот однос на сите власти досега?

                ----------------------------------------

Решение од фабриката „Охис“, магистерски труд и еколошки план на општина Кисела Вода - најмалку три документи што „360 Степени“ ги објави пред осум месеци укажуваа дека депонија со линдан има и надвор од кругот на „Охис“, кај месноста Пеленица над Драчево.

Ова решение од архивите на „Охис“ датира од 1976 година. Со него е одобрено складирање на остатоци од линданот во веќе изграден базен за депонирање, а како локација е наведена месноста „Пеленица – Рупа“. Поранешен вработен во „Охис“ во 2014 година на Металуршкиот факултет во Скопје одбранил магистерски труд во кој е содржана истата информација.  Дополнително, и општина Кисела Вода во локален еколошки план од 2016-мата, месноста ја нарекува индустриска депонија на ОХИС. Притоа, општината нема дилеми дали има хемиски отпад или не туку дали тој се уште е во метални буриња или веќе продрел во подземните води.

„Во последните 40 години, кога хемиската индустрија работеше со полн капацитет, големи количини на хемиски отпад се складирани на оваа локална депонија. Во периодот на изработка на овој ЛЕАП (Локален еколошки акциски план), општината не располага со потврдени податоци дали отпадот складиран пред повеќе години на оваа локација се наоѓа се уште во метални буриња плитко закопани под земја или тие се излеани и претставуваат закана за подземните води и поширокиот регион. За таа цел, потребно е да се направат темелни истражувања и студија со која би се дефинирала состојбата.“, пишува во ЛЕАП-от на општина Кисела Вода.

Две години од усвојувањето на овој документ, студија не е направена.

Кога во март со поранешниот вработен во „Охис“, Сретен Стојковски, ја посетивме локацијата, таа беше покриена со снег. Неговите сознанија, поткрепени со сведочења од вработени од „Охис“, велат дека овде се складирани 8 000 тони опасен отпад од „Охис“.

„На истиот начин како што е складиран во „Охис“ и овде е донесен, ставен, затрупан со земја и така е оставен. Нема од тој период мониторинг на локацијата што се случува, во каква состојба се бурињата, дали се распаднати, какво е влијанието на линданот врз подземните води, нема мониторинг направено.“, рече Стојковски.

Во прилог на неговите тврдења тогаш сведочеше и Абдуљ Вучељ, локален жител, кој не затече додека снимавме над Драчево.

„Сите знаат јас одам на лов, ловџија сум и се вртам редовно овде. Сите мештани знаат дека овде има фрлано од „Охис“., вели тој.

Посочената парцела е во сопственост на Република Македонија. Осум месеци подоцна, повторно ја посетивме. Освен што овој пат немаше снег, ништо друго не укажува дека овде нешто се истражува.

Од министерството за животна средина најавуваат дека до Нова година овој простор ќе биде ограден, а потоа ќе се прават и анализи на почвата за да се утврди дали остатоци од линданот произведуван во Охис завршувале токму тука. Една недела пред Новата Година просторот се уште не е ограден, а нема ниту некакво предупредување за граѓаните.

Единствено министерството за животна средина вчера побара од министерството за образование да им забрани на училиштата да организираат екскурзии во месноста Пеленица, што досега често го правеа скопските училишта.

Зошто се чекаше толку, а и се уште ќе се чека?

„Не, не,  таман работа, таман работа, не смее да се чека. Значи Владата, во овој момент, не во овој момент, туку ние сега направивме одредена наредба да се отпочне прво со оградување на локацијата за да граѓаните бидат предупредени дека постои можност на таа локација да има отстрането линдан и ќе има табла со која ќе бидат информирани, додека не се потврди или отфрли можноста да не се задржуваат на таа локација.

-Имавте изјава дека ќе се огради до Нова година.

До Нова година ние правиме напори затоа што прво треба да дефинираме кој периметар треба да го оградиме, потоа би била најумно речиси целата локација да бдие оградено и ќе видиме до Нова година има уште една недела, ги затвораме буџетите, ние сме сепак државен орган кој постапува согласно Законот за јавни набавки. Ние сме целосно мобилизирани, ги правиме спецификациите на оградата, да не ве заморувам со детали, таа ќе биде итно оградена.“, вели Ана Петровска – државен секретар во Министерството за животна средина.

Она што се знае е дека линданот, како пестицид, се користел во македонското земјоделство до 2009-та, кога е забранет за употреба. Досега јавноста знае дека во поголеми колични го има во две депонии во кругот на „Охис“, кои се распаѓаат и веќе ја контаминираат околината.

Владата неодамна најави дека од следната година започнува чистење на канцегорениот линдан од двете депонии во дворот на Охис. Само за малата депонија, проценките се дека процесот на деконтаминација ќе трае од 3 до 5 години. Сумите кои се калкулираат за ваквиот зафат се во милиони евра. Дел се обезбедени, дел се бараат преку Фонд формиран во соработка со Кралството Норвешка, Владата и канцеларијата за услуги на проекти на ОН-УНОПС. Откако ќе се најде применлива технологија за чистење на дворот на Охис, најавите се дека можно е со истата технологија или во соработка со Институтот за јавно здравје да се почне со анализи и на третата жешка точка – над Драчево. Но,

„Многу помала популација, површина е изложена и многу помала количина доколку веруваме на изворите кои споменуваат 8 илјади метри кубни.

-Но, сепак секој граѓанин е еднаков.

Секако, знаете ризикот бил присутен тука долго време, изложеноста била присутна и ќе биде уште малку.

-Колку ќе биде тоа уште малку?

Догодина почнуваме со чистење, немаме сомнение дека догодина почнуваме со чистење, а оградата ќе ја ставиме многу брзо, значи работиме на тоа само што не сме излегле на терен.“, уверува Петровска.

Но, граѓанските активисти бараат одговорност и прашуваат - зошто толку долго се чека и до кога Македонија за животната средина ќе бара меѓународна помош. За нив, депониите внатре во Охис и онаа над Драчево се со иста важност.

„Да се започне со анализи и да се види што има, колку има, во почвата, во подземните води, до каде е проширено и во воздухот нормално. И она што ние константно го потенцираме дека средства се потребни и дека буџетот не може да биде толку мал за решавање на проблемите за животна средина, особено кога се земаат такси поврзани со животна средина толку големи, значи не може ние да чекаме само меѓународната заедница да ни ги решава овие проблеми. Добро е ако дала и колку ќе даде, меѓутоа мораме ние и сами да почнеме да вложуваме.“, потсетува Чакулев.

За опасноста на линданот, сама за себе, зборува заштитатната опрема што ја носеа претставници на консултантска фирма, која во изминатиот период земаше примероци од почвата на депониите во дворот на „Охис“. Но, почвата, подземните води и земјоделските производи од ова поднебје, за разлика од истражувачите, се уште остануваат незаштитени.