Колку колебливоста на „Потами“ го доведува во прашање мнозинството за Договорот од Преспа во Грција

Автор: Владимир Мирчески | пред 3 недели | In depth

Ако процедурата за уставни измени заврши успешно во Собранието во Скопје, што се чини реално, Договорот за Преспа ќе стигне за ратификација во парламентот во Атина. Дали Алексис Ципрас го има потребното мнозинство за да го помине договорот, особено откако некои пратеници од кои се очекуваше дека ќе гласаат „за“, ја проблематизираа поддршката. Можно ли е договорот да го ратификува овој грчки парламент, а протоколот за влез на Република Северна Македонија во НАТО да остане за нов состав на парламентот, во кој мнозинството најверојатно би го имала сегашната опозициска Нова демократија. За атмосферата на грчката политичка сцена, Владимир Мирчески разговара со Сотирис Сербос, професор на универзитетот на Тракија, кој живее во Солун.

Дали промените направени во уставните амандмани и уставниот закон, особено онаа која објаснува дека државјанството не го предодредува етничкото потекло на граѓаните, и ја олесни позицијата на владата на Ципрас политички да го брани Преспанскиот договор во Грција?

Одговорот е – да, и тоа не само во однос на владата на Ципрас туку и во однос на тоа како се одвива јавната дебата во Грција. За жал, против договорот се некои политички партии, креатори на јавно мислење и влијателни лица кои многу инвестираа во лажната претпоставка дека Договорот од Преспа отвора можност и на масата за дебата става парашања за националниот идентитет, етничката припадност и етничкото потекло. Сето ова е многу далечно од принципите на договорот, во кој станува збор за државјанство. Затоа сметам дека овие појаснувања што доаѓаат од вашиот парламент дополнително ќе разјаснат што е е договорено во Преспа во јуни и ќе овозможат солидна политичка аргументација за Владата да го ратификува договорот.

Дали парламентарното мнозинство во грчкиот парламент станува премногу тенко, имајќи ги предвид најновите претпазливи изјави од „Потами“ - група пратеници за кои се очекуваше да гласаат „за“ договорот за името?

Да, добро прашање. Во однос на парламентарната група на „Потами“, во неа влегуваат 6 пратеници, вклучувајќи го и шефот на „Потами“, Ставрос Теодоракис. Четворица од нив, вклучувајќи го и Теодоракис, се „за“ договорот и ќе гласаат за него. Но, изминатите неколку седмици Теодоракис и некои од пратениците јасно порачаа дека ќе причекаат и детално ќе ги разгледаат сите уставни измени што ќе бидат усвоени во вашиот парламент. Оттука, ова се надоврзува на вашето прво прашање и мислам дека е уште една индикација за тоа дека на еден или на друг начин овие четворица пратеници се во „пакетот“ за ратификување на договорот. Но, треба да се потенцира дека има зголемен политички притисок од опозициските партии врз овие пратеници да не го ратификуваат договорот и тоа е директно поврзано со разни сценарија - што по изборите во Грција и до кој степен Нова Демократија и „Потами“ би соработувале. Но, мислам дека последните случувања во вашиот парламент многу ќе им отежнат на овие пратеници да се предомислат од нивните позиции и да не гласаат „за“ договорот.       

Можете ли да објасните колку гласови се потребни за Договорот да помине во парламентот - 151 глас или помалку од тоа?

Ова е важно прашање и во право сте дека треба да се разјасни. Во основа, за ваков меѓународен договор како што е овој од Преспа, потребно е мнозинство од присутните пратеници што ќе гласаат на денот на ратификацијата. Тоа значи дека, ако на пример се присутни 290 пратеници, мнозинство од нив е 146 пратеници. Тоа е принципот. Но, во изминатите денови владиниот портпарол појасни дека грчката влада сака да обезбеди апсолутно мнозинство од вкупниот број грчки пратеници, односно 151. Како и да е, а ова се однесува на вашето претходно прашање, мнозинството ќе биде „тенко“ и ќе се движи од 151 до 153, најмногу 154 пратеници. Во секој случај, зборуваме за „тенко“ мнозинство.   

Дали е остварливо вакво темно сценарио - договорот да биде ратификуван во парламентот, но не и пристапниот протокол поради предвремени избори предизвикани од излегување на партијата АНЕЛ на Панос Каменос од владата веднаш по ратификувањето на Преспанскиот договор? Како Нова демократија ќе одговори во таква ситуација?

Прво, треба да ги разјасниме двете процедури. Првата, се однесува на ратификација на Договорот од Преспа, а втората се однесува на ратификација НАТО-пристапниот протокол. Колку што разбирам, имаше одредена двосмисленост во конкретниот член од Договорот од Преспа зашто некои сметаат дека двата процеса можат истовремено да влезат во грчкиот парламент. Реалноста е дека прво треба да се ратификува Договорот од Преспа зашто во НАТО-пристапниот протокол ќе биде новото име на земјата. По ратификацијата на договорот за името, амбасадорите на НАТО-членките, па дури и министрите, ќе можат да се сретнат во НАТО и да го потпишат пристапниот протокол и потоа Грција ќе биде првата земја што ќе го ратификува пристапниот протокол за прием во НАТО. Сега за позицијата на главната опозициска партија Нова Демократија која, како што знаете, е против договорот. Но, во однос на пристапниот протокол кон НАТО – еден од потпретседателите на Нова Демократија, Адонис Георгијадис – дел од тврдото партиско крило, пред неколку дена изјави дека Нова Демократија ќе го ратификува пристапниот протокол, мислејќи дека партијата не би сакала да се впушти во отворена конфронтација со останатите членки на Алијансата, како што се САД или, пак, со ЕУ... Мислам дека на крајот, ако актуелната грчка влада го протурка Договорот од Преспа во парламентот, тогаш Нова демократија ќе нема друг излез освен да го ратификува НАТО-протоколот и затоа нејзината стратегија сега се темели на тоа да не се ратификува Договорот од Преспа. Но, ако овој договор биде ратификуван во парламентот, тогаш Нова Демократија нема да може да го блокира пристапувањето на вашата земја во НАТО.