Во отсуство на Антикорупциска, повеќемина пратеници - едно возат, друго им пишува во анкетниот лист

Автор: Никола Здравковиќ | пред 4 месеци | In depth

Македонија веќе девет месеци е без антикорупциска комисија. Така ќе остане можеби и до претседателските избори, бидејќи се уште нема конечна верзија на новиот закон.

„Нас ни’ треба Комисија која ќе биде избрана по највисоки критериуми – гледате дека практично дека и овие препораки што ги добивме се однесуваат баш на процесот на селекција“, вели министерката за правда, Рената Дескоска.

Без пополнета комисија, телото не може да отвора предмети. Според експертската јавност, со пречки се остваруваат и редовните рутински надлежности - како следење на имотната состојба на функционерите.

„Излезе дека не се ажурни, не се ажурирани податоците кои лицата кои се носители на јавни функции ги доставиле во Комисијата.“, посочува поранешната претседателка на ДКСК, Слаѓана Тасева.

„360 Степени“ провери - дали отсуството на антикорупциска комисија ги „опушти“ и функционерите и техничките служби во ДКСК.

Пратениците се категорија на функционери кои се меѓу највидливите за јавноста. Автомобилот, пак, е имот што е тешко да се скрие од другите. Затоа, паркингот околу Собранието беше наш избор, три дена по ред, да следиме - со што се возат пратениците, а со што напишале дека се возат во своите анкетни листови.

Некои народни избраници ни поминаа под „радарот“, бидејќи не паркираат околу Собранието. Но, кај оние што ги оставаат возилата пред парламентот откривме неколку разлики.

Хари Локвенец, пратеник на СДСМ од Прилеп, дојде со нов „пасат“, а во анкетниот лист му пишува дека има стар „опел кадет“ и „пежо 106“. Телефонски ни кажа дека „пасатот“ не е негов. Го позајмил привремено од печатницата во која има сопственички удел, бидејќи неговите возила биле на поправка. Тоа е печатницата која првично беше избрана да добие грант од Фондот за иновации, но по реакции во јавноста, фирмата го повлече барањето.

Џеват Адеми, пратеник на ДУИ од Тетово, се појави со џип „мерцедес“. Во анкетниот лист тој нема пријавено такво возило туку „голф“ и „бмв х5“. Телефонски ни изјави дека „мерцедесот“ му бил земен на лизинг, па затоа не го пријавил како своја сопственост.

Со возило различно од пријавеното до антикорупциска се појави и пратеникот од владејачката Партија за целосна еманципација на Ромите, Самка Ибраимовски. „Шкодата“ што ја возеше ја нема во анкетниот лист, каде е пријавен само „цитроен“. Тој се согласи да говори пред камера, при што призна дека и „шкодата“ треба да ја има во анкетниот лист, но имаше свое објаснување зошто не ја пријавил.

„Колата е пред два месеци земена и нормално дека ќе се пријави, сега немаме ни Антикорупциска комисија па нема ни каде да пријавиме... уште не е избрана ДКСК, така што тоа што има такви промени - лично во мојот анкетен лист нема промени, туку во моето семејство, на име на син ми. Кога ќе се избере новата ДКСК, нормално, дека ќе ја пријавиме, една промена е тоа... колата.“ , објаснува Ибраимовски.

Додека овие тројца пратеници кажаа дека не пријавиле промени и дадоа свое објаснување зошто не го сториле тоа, затекнавме други двајца кои велат дека ги пријавиле промените на време.

Даниела Рангелова, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ од Скопје, има „опел астра“ во анкетниот лист, а на собранискиот паркинг – нов „цитроен ц4“. Тврди дека „цитроенот“ и е земен на лизинг и е пријавен во ДКСК. За „астрата“ вели дека му ја продала на колегата-пратеник Драган Данев. Но, ниту во нејзиниот анкетен лист го има „цитроенот“ ниту пак кај Драган Данев ја има „астрата“.

Мухамед Зеќири, пратеник на СДСМ од Скопје, на работа се појави со „ауди а5“. Дента кога го снимивме, во средата, во анкетниот лист објавен на веб-страницата на антикорупциска пишуваше дека има пријавено три автомобили од марката „бмв“. Зеќири вели – „аудито“ не е негово, а сите други автомибили ги има одјавено во антикорупциска.

„Тоа е автомобил кој е на мој пријател и во моментот се служам со него. Во моментот немам друг автомобил на свое име. Последниот автомобил што го имав „бмв 7“ 2010, е продаден и уредно е пријавен во антикорупциска дека не треба да стои во мојот анкетен лист повеќе. А, другите 2 автомобили што стојат претходно пред да го земам БМВ-то кое последно го имам продадено беа пријавени дека веќе не се на мое име, односно дека ми се продадени.“, вели Зеќири.

По нашата теренска проверка, се обративме со неколку прашања до Антикорупциската комисија:

Зошто не се ажурирани податоците за Зеќири и Рангелова, како и тоа ако се земе предвид дека целта на овие анкетни листови е транспарентност и јавноста да има увид во богатењето на функционерите, зошто самото ажурирање не се извршува поажурно? Со предлог-буџетот за 2019 за ДКСК се резервирани нови 562.000 евра, па прашавме и ако се проблематични и основните ажурирања, за какви работни задачи ќе бидат потрошени средствата?

Пред да добиеме писмен одговор, забележавме дека од анкетниот лист на пратеникот Мухамед Зеќири е тргнато едното возило. Во дописот од ДКСК до 360 степени што стигна потоа имаше одговор само на прашањата за Зеќири и за Рангелова, дека имотот во нивните анкетни листови е во согласност со тоа што го пријавиле или одјавиле.  

„Објавената состојба на веб-страницата за конкретното лице (н.з. Мухамед Зеќири) е согласно податоците кои ги навел во доставените анкетни листови. За лицето Даниела Рангелова, Ве известуваме дека до архивата на Државната комисија за спречување на корупцијата не е пристигнат Образец за промена на имотната состојба.“, стои во дописот.

Кој е во право, може да се процени само со непосредна споредба на доказите на двете страни. Но, тоа не го менува фактот дека дури и кај некои од функционерите што се најприсутни во јавноста има разлики во тоа што го има во анкетниот лист споредено со реалноста, и тоа за толку видлив имот, како што се автомобилите.

Поранешната прва антикорупционерка, Слаѓана Тасева, не можеше индивидуално да ги коментира нашите примери, но вели дека и самата се уверила дека имотната состојба на функционерите не се следи како што треба.

„Ние имавме прилика во изминатите неколку дена да работиме со податоци од анкетните листови за имотната состојба и забележавме неколку неправилности и прашувавме таму. Излезе дека не се ажурни, не се ажурирани податоците кои лицата кои се носители на јавни функции ги доставиле во Комисијата. Ние знаеме дека нема членови во ДКСК, но ова е работа за која не се потребни членови. Ова е работа на Секретаријатот и тие имаат обврска редовно да ги ажурираат сите промени кои се пријавуваат до Комисијата од имотната состојба на лицата кои се носители на функции.“, вели Тасева.

Тасева не ги амнестира од вина и функционерите, но во крајна линија смета дека е ставена под знак прашање целта на механизмот за контрола. Особено ако се знае дека автомобилите се далеку полесно проверлив имот од станови, акции, состојби на банкарски сметки...

„Од друга страна, и носителите на фунцкии имаат обвртска редовно да пријавуваат секаква промена, бидејќи вие ако и кажете на Комисиајта дека сега располага со друг автомобил, а тоа не е пријавено во Комисијата, таа е должна да поведе постапка за испитување. Бидејќи секоја промена која е повисока од одреден износ на пари, мора веднаш да се пријави во ДКСК. Ако не се пријави тогаш лицето има проблем. Во тој случај треба да се поведе постапка за проверка на имотната состојба.“, дополнува таа.

Македонија остана без антикорупциска комисија пред девет месеци, кога ревизија на УЈП откри сомнеж за корупција меѓу самите членови на антикорупциска. Власта и опозицијата не се договорија за нов состав туку се тргна да се прави темелна реформа на законот по која би се избрал и нов состав.

Законот се уште не е готов, а со тоа не е блиску ниту изборот на нов состав на ДКСК. Наводната намера за борба против корупцијата засега е изразена единствено во зголемениот буџет на комисијата за 2019-та за околу половина милион евра. Ако има кој соодветно да ги потроши...

=========================================================

Ако мислите дека ова е крајот на играње мачка и глушец меѓу пратениците, комисијата и јавноста, слушнете го ова: непосредно пред снимањето на емисијата, се јавија од антикорупциската комисија за да не’ информираат дека пратеничката Даниела Рангелова денеска доставила образец за промена на имотната состојба. На нашето прашање - дали образец доставил и пратеникот Драган Данев, кому Рангелова му ја продала својата „опел астра“, а такво возило не е регистрирано во анкетниот лист на Данев, на Комисијата и беше потребно дополнително време за да провери за подоцна да не информира дека и Данев доставил образец, без да кажат кога. Нашите дополнителни проверки, пак, открија дека од вчера до денеска има промена во анкетниот лист на пратеникот Џевад Адеми. Таму стоеше дека тој поседува „голф“ и „бмв х5“, а од пред неколку часа „голфот“ е избришан. Адеми ни рече дека „голфот“ го продал син му, а тој за тоа ја известил антикорупциска на 18 декември. Наместо заклучок – ако сево ова се случува по тест-проверката за возилата на пратениците, што би се случувало ако, на пример, следниот наш фокус се живеалиштата на функционерите?!