Русковска: Има пропусти кај институциите за бегството на Груевски, ќе излеземе со првични сознанија

пред 3 недели | Дебати

Шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска во интервју за емисијата „360 степени“ на Алсат зборуваше за бегството на Никола Груевски од Македонија и предистрагата која се води за овој случај.

Таа кажа дека се уште не се добиени снимките од камерите на граничните премини во Албанија и во Црна Гора, бидејќи се побарани снимките од сите гранични премини и дека се уште не е утврдено како и каде ја напуштил Македонија. На прашање дали имаат сознанија како излегол од својата зграда, Русковска рече „мислам дека се уште немаме“. 

- Она што досега го имаме собрано ќе биде презентирано пред јавниот обвинител на Република Македонија и би сакале да излеземе со првични информации пред јавноста за она што до сега е сработено и до сега што го имаме - рече Русковска.

Таа кажа дека се истражува и одговорноста на институциите, но дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, не е под истрага.

- Мислам дека кај дел од институциите има пропусти, мислам дека станува збор за ненамерни пропусти, барем од она што досега го имаме. Не би коментирала за која инстутиција се работи - рече Русковска. 

Таа кажа дека обвинителството се уште е во фаза на предистрага и е далеку од фаза на истрага. На забелешката дека бавно оди предистрагата, Русковска кажа дека таков бил впечатокот и за предистрагата за упадот во Собранието, но дека на крај се направил добар предмет.