Русковска: Ќе излеземе со истрага, јавноста ќе ги дознае нарачателите и организаторите на 27 април

пред 3 месеци | Дебати

Шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска во интервју за емисијата „360 степени“ на Алсат рече дека се води предистрага и наскоро очекува да се отвори истрага за нарачателите и организаторите на упадот во Собранието на 27 април.

Таа го посочи телефонскот разговор на Нинџа со неговиот брат, дел од обезбедувањето на екс-премиерот Никола Груевски, кој во тоа време беше во Виена и дека после него започнала организацијата на обвинетите за упадот и насилството.

- Во 16:30 часот, Никола Груевски му праќа порака на Трајко Вељаноски дека од сигурни извори разбрал дека дента ќе биде биран нов претседател на Собранието. Така да, ако ги земеме сите овие работи, во некој случај и повеќе посредни докази укажуваат дека нешто се случило и како се случило - рече Русковска.

Таа најави дека скоро ќе излезат со наредба за истрага и дека јавноста ќе ги дознае нарачателите и организаторите. Таа потврди дека во предистрагата е вклучено и тоа што се случувало со присутните во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, во критичните часови на 27 април, како што кажа обвинетиот Нинџа во својата одбрана пред судот.