Тодоров: Изградба на меморијал за Балканските војни и Првата светска војна за почит кон жртвите

пред 5 месеци | Дебати

Членот на македонско-бугарската комисија, Петар Тодоров, во дебата на „360 Степени“ на Алсат, искажа идеја за изградба на меморијал за одбележување на 100-годишнина од крајот на Првата светска војна.

- 100 години од крајот на Првата светска војна, државите на Балканот не смогнаа сили да го одбележат крајот на војната и да оддадат почит на жртвите, цивили и војници. Сите останаа затворени во своите национални приказни. И сите ставаат или национална катастрофа, или победа. Имам една идјеа, и таа е разговарана и на македонскиот дел од македонско-бугарската комисија, да Македонија биде иницијатор на изградба на еден меморијал за Балканските војни и Првата светска војна, кој ќе се обиде да ги обедини овие различни национални наративи кои постојат денеска во Грција, Албанија, Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, на Балканот, и кој ќе биде заеднички наратив кој ќе ги надминува и обединува овие национални наративи, и ќе биде еден добар пример како да се надминуваат конфликти и како да не ни се случуваат повторно тие Балкански војни и таа Прва светска војна во регионот - рече Тодоров.

Тој посочи дека местото на меморијалот треба да биде во Македонија како најсимболично место на конфликтот кој постоел меѓу балканските држави.

- Мислам дека мора да примениме еден таков пристап доколку навистина веруваме во тие европски вредности како што секој ден не потсетуваат политичарите, тогаш можеби треба и да постапуваме така, а не само да се кријат позади нив - рече Тодоров.